Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски информираше дека пристигнале новите возила за потребите на ЈП Комунална хигиена.
„Сметот со години беше еден од најгорливите проблеми во Скопје и една од најтешките слики на нефункционалноста на системот на нашите претходници. Уште од првиот ден кога ја презедов функцијата градоначалник, ветив дека нечистотијата, преполните контејнери и запуштените улици ќе станат минато. Денес зборот станува дело! Заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски и вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, ги промовиравме новите возила за комунална хигиена, обезбедени преку проект реализиран со поддршка од Светска банка“, истакна Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Оваа современа механизација се очекува значително да ги зајакне капацитетите за одржување на јавната хигиена, да овозможи побрзо, поефикасно и поредовно собирање на отпадот и да придонесе за почисти улици и поздрава животна средина.
Градоначалникот на Скопје посочи дека истовремено, Град Скопје со сопствени средства набавува дополнителни специјализирани возила, како и повеќе од 3.300 нови контејнери, за кои постапката е во завршна фаза.
„Со обновена механизација, нова опрема и подобра организација, му ставаме крај на долгогодишниот проблем со сметот“, порача Ѓорѓиевски.
Тој воедно упати голема благодарност од премиерот Мицкоски и вицепремиерот и министер Николоски за континуираната поддршка и за придонесот за реализацијата на проектот.


