Нов раст на примањата ги очекува наставниците и останатите вработени во училиштата во март следната година. Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска потврди дека покачувањето е предвидено со договорот постигнат со СОНК.
Јаневска, одговарајќи на новинарски прашања по посетата на ООУ „Љубен Лапе“ во скопската општина Аеродром, порача дека просветните работници немаат причина да се грижат за своите примања.
„Тоа е сигурно и во согласност со договореното со СОНК“, изјави министерката.
Таа посочи дека растот на платите ќе продолжи и во наредните години, нагласувајќи дека овојпат станува збор за договорена обврска.
„Претходно имаше потпишувања спогодби, договори – ќе има, ќе нема. Имавме и штрајк. Во овој случај тие се безбедни, не треба да мислат на платите, тие ќе се покачуваат секоја година. В година во март повторно ќе бидат покачени платите на наставниците“, додаде Јаневска.
Според најавите, мартовското зголемување во 2027 година ќе се движи од 7,5 до 10 проценти, во зависност од движењето на инфлацијата. Со договорот со СОНК, платите во образованието досега се зголемиле за повеќе од 20 проценти.
Најавата за новото покачување доаѓа на почетокот на новата учебна година, во период кога образовниот систем истовремено се соочува со намалување на бројот на ученици и промени во организацијата на училишната мрежа.


