July 23, 2026

Западнонилска треска се шири во Европа, над 20 луѓе се заразени во Грција

Најмалку 21 човек во Грција е заразен со западнонилска треска, а неколку случаи досега биле пријавени и во Македонија, Италија, Шпанија и во Романија, објави „Гр тајмс“.

Грчката национална организација за јавно здравје (ЕОДИ) соопшти дека 20 од заразените пациенти во земјата развиле тешки симптоми , меѓу кои енцефалитис, менингитис или парализа.

Во изминатата недела биле регистрирани 14 нови случаи, а 13 пациенти се на болничко лекување. Досега нема пријавени смртни случаи.

Најмногу случаи се регистрирани во областа Атика, меѓу другото во Спата-Артемида, Маркопуло, Вари, Коропи, Лаврио, Неа Јонија, Атина и во Глифада.

Поединечни случаи се пријавени и во Лариса и во Палама.

Западнонилската треска е вирусно заболување кое се пренесува преку убод од инфициран комарец. Најголем дел од инфицираните немаат симптоми или имаат лесна клиничка слика, додека кај мал број пациенти, особено кај повозрасни луѓе и луѓе со ослабен имунитет, може да се развијат потешки невролошки компликации.

Вирусот се смета за ендемски во Грција од 2010 година, а неговото повторно појавување се очекува во летните месеци. Слична епидемиолошка состојба е забележана и во Италија, Македонија, Романија и во Шпанија.

ЕОДИ апелира до надлежните институции да продолжат со внимателно следење на состојбата и со систематска контрола на комарците, а граѓаните строго да ги почитуваат мерките за лична заштита.

Read Previous

На Табановце запленет златен накит вреден 1,3 милиони денари

Read Next

Владата ќе ги обештети граѓаните кои претрпеа штета од невремето во Скопје