Министерот за здравство Сашо Клековски денеска ќе ја посети Општата болница – Гостивар откако повеќе граѓани со симптоми на повраќање, дијареа и температура побараа лекарска помош. Министерството за здравство соопшти дека предвидено е изјава да даде министерот Клековски.
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) вчера издаде забрана за употреба на водата за пиење од гостиварскиот водоводен систем поради основано сомнение дека водата е загадена и небезбедна за употреба.
По извршениот надзор било утврдено дека во главниот цевковод на водоводната мрежа, без одобрение поставена била пумпа која директно вбризгува вода од реката Вардар во овој водоснабдувачки систем.
– За да се спречи поголема опасност за населението од овој регион, АХВ издаде времена забрана за употреба на водата за пиење сѐ до добивање на резултатите од лабораториското тестирање со што ќе се потврди нејзината безбедност – беше соопштено од АХВ.
Од управата на гостиварската Општа болница потврдија дека изминатите денови за медицинска помош заради стомачни тегоби се јавиле над илјада граѓани. Случајот со водата за пиење од градскиот водовод стана актуелен откако беше регистриран зголемен број граѓани кои побарале медицинска помош поради стомачни тегоби.


