June 3, 2026

Македонска Симфонија

Во оваа земја, односно во Македонија, живеат луѓе кои се дел од едно мултикултурно општество. Всушност, сите сме различни гранки на исто дрво. Но, забележувам нешто загрижувачко: наместо да бидеме најдобриот пример во регионот за заеднички живот и развој, често се обидуваме да си ги сечеме гранките еден на друг и да си го попречуваме патот.

Водени од размислувањето „ако не можам јас, тогаш не можеш ни ти“, не сфаќаме дека со секоја отсечена гранка најголемата штета му ја нанесуваме токму на дрвото. Пиеме кафе од исто ѓезве, само филџаните ни се различни. Но, кога ја загадуваме водата, кога го гасиме огнот или го кршиме ѓезвето, всушност си нанесуваме штета самите на себе.

Никој нема намера да ја однесе оваа земја на друго место. Нашата судбина е заедничка. Дали ќе гориме во истиот оган или ќе се грееме околу него – тоа повторно зависи од нас.

За жал, сè понапнатите односи не ни оставаат многу простор за оптимизам. Поради гранките што секојдневно ги сечеме, на крајот сите ќе паднеме на земја. А најтажно е што дури ни тоа не го гледаме. На тие гранки веќе не цветаат цвеќиња, а и тоа како да не го забележуваме.

Мултикултурноста сама по себе не е доволна. Не нè издигнува само фактот што сме различни, туку способноста тие разлики да ги споиме во заедничка сила. Сè додека не научиме да дејствуваме заедно, да се слушаме меѓусебно и присуството на другиот да го гледаме како гаранција за сопственото постоење, иднината на оваа земја нема да биде посветла.

Зашто силата на едно дрво не лежи во бројот на неговите гранки, туку во способноста сите тие да се држат за истата почва преку заедничките корени.

Од ова можам да ви дадам уште еден пример.

Со години учествувавме на Евровизија. Но, ниту еднаш не се појавивме со песна што вистински ќе ги претстави сите бои, сите гласови и целиот дух на оваа земја. А замислете покрај македонската традиционална музика да се слушнеше албански ритам, турска мелодија, ромска енергија и модерен музички израз што сето тоа ќе го спои во една целина. Тогаш можеби немаше само да учествуваме на натпревар, туку ќе му покажевме на светот кои сме навистина.

Зашто она што нè прави посебни не е нашата сличност, туку способноста различностите да ги претвориме во заедничка хармонија. За жал, премногу често се обидувавме да звучиме како некој друг, наместо да го пронајдеме сопствениот глас. На крајот ниту станавме како оние што ги имитиравме, ниту успеавме вистински да се претставиме себеси. И така, одново и одново се враќавме без да го покажеме богатството што го носиме во себе.

А токму разновидноста е најголемата сила на оваа земја. Една држава остава впечаток во светот само кога ја раскажува својата сопствена приказна. Можеби токму тоа ни недостига – не да го надгласуваме гласот на другиот, туку да научиме сите тие гласови да ги слушаме како дел од иста песна.

Лејла Шериф Емин

Read Previous

Пронајден починат 74-годишен гостин во хотел на Бит Пазар

Read Next

Планот за вработување цели кон намалување на невработеноста за 20% – се најавува прочистување на листите и мерки против работата на црно