Лепенки со кирилични букви на сообраќајни знаци и јавна опрема ги довеле хрватските истражители до тројца државјани на Македонија. Полицијата во Дубровничко-неретванската жупанија соопшти дека против нив е поднесена кривична пријава поради сомнение за оштетување на туѓ имот.
Според полициските информации, случајот бил откриен по пријави добиени минатата недела во областа Цавтат.
Знаците ја изгубиле намената
Истражителите утврдиле дека биле облепени сообраќаен знак, информативна табла и корпа за отпадоци.
Од полицијата наведуваат дека поради поставените налепници предметите ја изгубиле својата намена и препознатливост.
Во соопштението се наведува дека лепенките содржеле кирилични букви.
Двајца пронајдени веднаш, третиот на аеродром
По добивањето на пријавата, полицијата пронашла двајца осомничени.
Третиот бил лоциран следниот ден, на 30 мај, на аеродром.
Станува збор за мажи на возраст од 23, 25 и 26 години.
Сите имаат престој во Хрватска
Според хрватската полиција, тројцата имаат регулиран престој во земјата. Тие биле приведени во полициски простории каде била спроведена кривична постапка.
Осомничените биле предадени на притворската единица на Полициската управа Дубровничко-неретванска.


