На армискиот полигон „Криволак“ денеска беше реализиран Денот за високи гости на воената вежба „БЛЕСОК 26“, со присуство на државниот и воениот врв, како и претставници на НАТО и дипломатскиот кор, соопшти Армијата на Северна Македонија.
На настанот присуствуваа претседателката и врховен командант на Вооружените сили, Гордана Сиљановска-Давкова, министерот за одбрана, Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски, како и високи претставници на НАТО, меѓу кои командантот на НАТО-корпусот за брзо распоредување – Грција и претставници од Командата на здружените сили на НАТО во Неапол.
Во своето обраќање, претседателката Сиљановска-Давкова истакна дека Армијата претставува фактор на стабилност и чувар на глобалниот мир, нагласувајќи дека повеќе од 180 припадници на Армијата се ангажирани во мировни мисии и операции под македонското знаме. Таа оцени дека вежбата „БЛЕСОК 26“ е доказ дека Армијата сериозно се подготвува за справување со современите безбедносни предизвици.
Министерот за одбрана Мисајловски нагласи дека припадниците на Армијата демонстрирале дисциплина, прецизност и висок професионализам, додавајќи дека оценката „борбено подготвена“ е резултат на мотивираноста на персоналот и процесот на модернизација и опремување на Армијата.
Началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски, рече дека Лесната пешадиска баталјонска група ја достигнала најголемата НАТО-цел на способност и се стекнала со статус „mission capable“, односно „борбено подготвена“, што претставува значаен успех постигнат преку систематско планирање, обука и модернизација согласно со НАТО-стандардите.
Началникот на Ј-9 на Командата на здружените сили на НАТО во Неапол, контраадмирал Торстен Маркс, оцени дека Северна Македонија е силен и доверлив сојузник на Алијансата, истакнувајќи дека вежбата „БЛЕСОК 26“ јасно ја демонстрира интероперабилноста на единиците и нивната подготвеност за заедничко делување со сојузниците.
Во рамки на вежбата „БЛЕСОК 26“, во која учествуваа над 1.500 припадници на Армијата, беше реализирано оценување на НАТО-целта на способност – Лесната пешадиска баталјонска група, при што единицата официјално го доби статусот „борбено подготвена за извршување на својата мисија“.

