Ученици, наставници и друг училишен персонал беа евакуирани од десетици училишта во хрватскиот главен град Загреб поради закани со бомби, објави хрватскиот весник „Јутарни лист“. Наставата беше откажана во овие училишта. Слични закани беа примени и во други градови во регионот на Дубровник.
Вчера, повеќекратни закани со бомби беа примени и во училиштата во регионот Сплит-Далмација. По полициска истрага, беше утврдено дека заканите биле лажни, а наставата продолжи вчера попладне.
Како одговор на зголемениот број лажни закани со бомби во училиштата во земјата, хрватското Министерство за наука, образование и млади денеска издаде соопштение во кое се наведува дека образовниот систем мора да одговори на секоја закана, дури и на најмалите, бидејќи „безбедноста е на прво место“.
„Ги осудуваме неодговорните дејствија што внесуваат паника и страв, а мотивите на оние што го прават тоа ни се целосно нејасни. Се надеваме дека полицијата многу брзо ќе ги пронајде сторителите и дека судскиот систем брзо и соодветно ќе ги казни, за да не му падне на памет на никого друг да преземе слични дејствија“, се наведува во соопштението.
МИА


