March 14, 2026

Македонија и Шведска ја зајакнуваат економската соработка

Во момнетов Шведска е 19 – ти трговски партнер на Македонија, но и двете страни сметаат дека постои значителен простор за зголемување на трговијата и инвестициите. Особено потенцијал има во прехранбената индустрија и земјоделството. Еден од производите што веќе има побарувачка на нордискиот пазар е свежата зелка, но и други земјоделски производи од Македонија, како пиперки, грозје, лубеници и овошје. Шведскиот амбасадор во државава вели дека неговата држава полека го менува фокусот на надворешната политика и сакаат да ги продлабочат трговските партнерства.

„Не би рекол дека станува збор за промена на политика, туку повеќе за тоа дека имаме поголем акцент во шведската политика за надворешни односи, во нашата развојна политика, во трговската политика, во политиката за иновации и во енергетската политика – да гледаме надвор од границите и да размислуваме како можеме да ги зајакнеме нашите партнерства. Треба да ги следиме случувањата во светот. Тоа е нешто што го прават и многу други европски земји, како и Северна Македонија. Бараме нови партнерства, диверзификација, но и начини како да ги зајакнеме трговијата, инвестициите и економскиот раст во сите наши земји.“, порача Ола Солстром.

Освен храната, нови можности се отвораат и за извоз на македонско вино и други алкохолни пијалаци. Во Шведска и Финска продажбата на алкохол се одвива преку државни малопродажни системи, што значи дека производителите мора да поминат низ специјален процес. Но ако еднаш влезат во системот на тие државни продавници, македонските производители можат да добијат пристап до целокупниот национален пазар. Токму затоа, нордиските земји се сметаат за атрактивна можност за македонските винарии и производители на алкохол, кои веќе имаат репутација за квалитет на меѓународните пазари. А дека „нордиците“ се доверливи партнери зборува македонскиот бизнисмен Станиша Ивановиќ кој со децении извезува земјоделски производи во Шведска.

„Ако знаете како да комуницирате, тоа е многу, многу важно. Но Швеѓаните, барем според моето чувство или заклучок, се малку похрабри кога станува збор за вакви деловни потфати. Така што ние сме доволно храбри да се обидеме да влеземе на шведскиот пазар, но и тие се храбри да дојдат тука и да се обидат да работат со нас.“, вели Станиша Ивановиќ

Преку шведските партнери, македонските компании често добиваат можност да влезат и на поширокиот нордиски пазар, односно во Норвешка, Данска и Финска, што дополнително го зголемува извозниот потенцијал. Според бизнис заедницата, ваквите настани се важни за да се отворат нови канали за извоз и за да се поврзат македонските производители со нордиските компании и дистрибутери.

Read Previous

Во Битола организирана комеморативна церемонија по повод годишнината од дипломирањето на Ататурк во Воената школа