March 11, 2026

По падот на цената на нафтата на светските берзи, опозицијата бара Регулаторна веднаш да ги корегира цените

Регулаторната комисија за енергетика да ги намали цените на горивата веднаш-бараат дел од опозициските партии, откако цената на барале нафта на светските берзи по скокот од над 100 долари, вчера се спушти на околу 85, а сега е околу 90 долари за барел. Од Демократската унија за интеграција излегоа со 5 предлог мерки. Покрај веднаш преиспитување и корекција на вчерашните цени на Регулаторна, бараат и да се пуштат веднаш и државните резерви на нафта кои ги има за 62 дена, по цена од максимум 71 денар.

-Владата треба веднаш да ја разгледа можноста за намалување на фискалните давачки за нафтените деривати, вклучително и акцизите и другите давачки, со цел стабилизирање на цените и заштита на стандардот на граѓаните. Истовремено, инспекциските служби треба веднаш да утврдат колкави количини нафта имале бензинските пумпи пред понеделник во 00:00 часот и за тие количини да се воведе замрзнување на цените, бидејќи се увезени по пониски цени, изјави Албана Мустафа од ДУИ.

Од ДУИ бараат и санкции за операторите кои за време на викендот и сега не точеле гориво на граѓаните. Велат како држава не можеме да дозволиме некои да профитираат на грбот на граѓаните и на нашите производители, потребна е итна реакција и сериозно управување со кризата.

Со реакција излезе и СДСМ. Велат Владата профитира – зошто се поскапени цените на горивата кога има пад на светските берзи?

-Зошто се поскапени цените кога има пад на светските берзи? Со сегашното зголемување граѓаните плаќаат над 3 милиони евра неделно повеќе. Се поставува прашањето кој има интерес од ова поскапување и каде завршуваат овие пари? Дали Владата намерно ги зголеми цените иако цената на барелот веќе падна вчера? – изјави Богданка Кузеска од СДСМ.

Од партијата обвинија дека власта профитира на грбот на граѓаните со промена на начинот на уредување на цените на горивата, со тоа што Регулаторна сега наместо секој ден ги утврдува цените еднаш неделно, во понеделник.

„Очигледно поради празниот буџет, на владата и одговара поскап бензин, за повеќе пари од акциза и ДДВ“, велат од СДСМ.





TV21

Read Previous

Втората група македонски граѓани евакуирани од ОАЕ пристигна во Скопје