March 9, 2026

Србија привремено забрани извоз на нафта и гориво

Српската Влада на вонредна седница донесе одлука за привремена забрана за извоз на нафта и сите нафтени производи што се користат за погон на мотори, со цел стабилизирање на домашниот пазар на енергенти.

Според одлуката, забраната се однесува на извоз на дизел, бензин и сирова нафта по сите транспортни правци и ќе биде на сила до 19 март, по што ќе се разгледа евентуално продолжување или измена на мерките.

Министерката за рударство и енергетика на Србија, Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ, изјави дека целта на оваа одлука е да се спречат можен недостиг и ненадејно зголемување на цените на горивата во Србија, во време кога глобалниот пазар на енергија минува низ нестабилен период во сенка на ескалацијата на кризата на Блискиот Исток.

Таа истакна дека цените на нафтените производи во Србија во моментов се пониски од цените на меѓународните берзи, поради што државата, како што наведе, се обидува да ги заштити и граѓаните и економијата од дополнителни притисоци врз пазарот.

Владата објави дека внимателно ќе ги следи случувањата на глобалниот енергетски пазар и во согласност со тоа ќе донесува одлуки во иднина.

Регионалните тензии ескалираа по 28 февруари кога САД и Израел извршија заеднички напади врз Иран во кој се убиени повеќе од 1.200 луѓе, меѓу кои и врховниот лидер ајатолахот Али Хаменеи.

Иран возврати со напади со беспилотни летала и ракети насочени кон Израел и земјите од Заливот, каде што се наоѓаат американски воени бази.

Овие конфликти директно го загрозуваат глобалниот енергетски пазар, првенствено поради нарушувањето на пловидбата низ Ормутскиот теснец.

Read Previous

Маж пронајден починат во поранешна фабрика во Прилеп

Read Next

Муцунски: Евакуацијата е бесплатна, во текот на оваа недела сите македонски граѓани ќе бидат вратени во земјата