March 5, 2026

Собранието на Албанија ги усвои измените на владиниот Кабинет

Собранието на Албанија на денешната седница ги усвои указите на претседателот Бајрам Бегај за последните измени во владиниот Кабинет.

Измените што беа предложени пред неколку дена од премиерот и претседател на владејачката Социјалистичката партија, Еди Рама, беа изгласани среде тензии и дебати, бидејќи за време на гласањето пратениците од опозицијата ја блокираа говорницата.

Албана Кочиу е именувана на функцијата заменик-премиерка, заменувајќи ја Белинда Балуку, која беше разрешена од должноста, вклучително и од функцијата министерка за инфраструктура и енергија.

Дипломатот Ферит Хоџа е именуван за министер за Европа и надворешни работи, функција што досега ја извршуваше Елиса Спиропали.

На функцијата министер за внатрешни работи е именуван Бесфорт Ламалари, кој претходно ја извршуваше функцијата министер за правда.

На функцијата министер за правда е именуван Тони Гогу, а Ерјона Исмаили е именувана за министерка за односи со Парламентот.

Енеа Каракачи ќе биде нов министер за инфраструктура и енергетика, додека Ермал Нуфи е именуван за министер за одбрана, функција што претходно ја извршуваше Пиро Венгу.

Собранието ги усвои и указите за разрешување на министрите Балуку, Спиропали и Венгу, кои повеќе нема да бидат дел од владиниот Кабинет.

По церемонијата на полагање заклетва во Кабинетот на претседателот на Албанија, новите министри официјално ќе ја преземат должноста.

Седницата беше проследена и со дебати и тензии, бидејќи пратениците од најголемата опозициска партија, Демократската партија, ја блокираа говорницата за време на гласањето на указите на претседателот Бегај, не учествувајќи во процесот на гласање.

Опозицијата постојано бараше вклучување во дневниот ред на пленарните седници на барањето на Специјалното обвинителство против корупција и организиран криминал (SPAK) за давање овластување „за апсење/одземање на слободата“ на Балуку, што беше суспендирано и од судот. Балуку е обвинета за кривичното дело „повреда на еднаквоста на учесниците на тендери или јавни аукции“.

Read Previous

Евидентирани 505 македонски државјани во ОАЕ – започнува организирана евакуација преку Саудиска Арабија

Read Next

Годишни билатерални консултации со НАТО, потврда за континуираниот развој на одбранбените капацитети