Премиерот Христијан Мицкоски денеска повторно порача дека Владата е подготвена да поддржи и да примени секој договор за повисоки плати што ќе биде постигнат меѓу работниците и работодавачите, при што нагласи дека во однос на минималната плата мора строго да се постапува согласно законските одредби.
„Понудивме зголемување на платите на административните службеници за околу 40 проценти, но ССМ ја одби таа понуда. Во делот на минималната плата, ние сме обврзани да постапуваме според законот. Ќе има зголемување и нивелирање, а во моментот кога работниците и работодавачите ќе постигнат договор, ние како Влада ќе го поддржиме и ќе го примениме“, напиша Мицкоски во објава на „Фејсбук“, споделувајќи дел од своето вчерашно обраќање во Собранието.
Одговарајќи на пратеничко прашање, премиерот истакна дека понудената опција за административните службеници и натаму е отворена и дека со нејзиното прифаќање би се регулирал работниот однос на дури 99 проценти од администрацијата со Владата како работодавач.
Тој потсети дека уште минатата година на административните служби им било понудено зголемување на платите во периодот од март 2026 до март 2028 година, во износ од речиси 40 проценти, под услов да се постигне договор за еден заеднички колективен договор, предлог кој, како што наведе, бил одбиен од страна на ССМ.
TV21


