Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, Тимчо Муцунски, истакна дека од страна на Брисел повторно има иницијатива за организирање средба со Бугарија за откочување на евронтеграциите на земјата.
Муцунски во телевизиско гостување рече дека во декември имало сериозни иницијативи од неколку поголеми и повлијателни земји членки на ЕУ, заедно со раководството на ЕУ, за негова средба со министерот за надворешни работи на Бугарија, Георг Георгиев, која не наишла на позитивен фидбек од бугарска страна, а деновиве, како што рече, повторно од Брисел има иницијатива за организирање средба.
„На располагање сме кога другата страна ќе биде подготвена да ги размениме нашите аргументи, да ги кажеме нашите објективни грижи, нашиот страв дека повторно и да се донесат уставните измени, нашата држава ќе биде ставена во иста позиција заради прашања поврзани со идентитет, историја и јазик“, рече Муцунски.
Посочи дека за решение се потребни двајца и добра верба за да се дискутира во духот на европските вредности.
„Кога дискутираме со претставниците на земјите членки на ЕУ, на ЕК, секогаш има обид да се најде некое решение. За жал, не можам тие идеи да ги споделам сега со јавноста бидејќи во истиот момент ќе бидат отфрлени. Постојат повеќе идеи. Граѓаните треба да знаат дека за нас се клучни неколку фудаментални прашања. Прво да се стави крај на нашите национални отстапки, не само кон Бугарија, туку кон која било држава, а кои задираат кон нашите идентитетски обележја – јазикот, културата, историјата. Исто така наше очекување е дека македонските национални малцинства кои живеат надвор од нашите граници, посебно тие во земјите членки на ЕУ, ќе добијат европски третман“, рече Муцунски.
Тој порача дека земјата треба да се фокусира на домашните реформи, да го европеизира општеството, да се исполнат меѓународните обврски и истовремено да биде проактивен чинител во изнаоѓањето решение.
