January 27, 2026

Претставник на израелското Министерство за одбрана во посета на Собранието на Северна Македонија

Комисијата за одбрана и безбедност во Собранието на Северна Македонија одржа работна средба со претставникот на Министерството за одбрана на Израел, Елај Калиф, и амбасадорката Вивиен Аисен.

Според соопштението на Собранието, на средбата се дискутирало за соработката во областа на одбраната и безбедноста, со посебен акцент на соработката во рамките на НАТО, како и на размената на искуства и добри практики од областа на одбраната.

„Претставникот на Министерството за одбрана на Државата Израел ги презентираше глобалните безбедносни тенденции кои влијаат врз Израел, како и можностите за соработка со земјите од Балканот и Балтикот. Во тој контекст, беше истакната потребата од започнување структуриран дијалог во областа на одбраната и безбедносната поддршка“, стои во соопштението.

Претседателот на Комисијата за одбрана и безбедност во Собранието на Северна Македонија, Павле Арсоски, според соопштеното, ја нагласил претходната соработка со Центарот за обука на пилоти, посочувајќи ги придобивките и значењето на оваа соработка за унапредување на одбранбените капацитети.

Пратениците на Комисијата во своите излагања ја потенцираа суштинската важност на соработката со Израел во областа на одбраната, како значаен елемент за зајакнување на националната и регионалната безбедност и стабилноста на Балканот.

Read Previous

Николоски предлага три решенија за проблемот со шенгенските правила за превозниците

Read Next

Вучиќ: Се борев и БиХ и Македонија да влезат во ЕУ