January 26, 2026

Камионџиите на протест,  ги блокираат сите гранични премини

Од денес на пладне па во наредните седум дена ќе има целосна блокада на граничните премини за влез и излез на товарните возила. Камионските транспортери од цел Балкан ги паркираат камионите на границите, незадоволни од новиот систем за влез и излез од Европската унија со кој поради броењето им се скратуваат деновите за престој на возачите. Протестот е заеднички на камионските превозници од Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Македонија. Сите гранични премини кај нас ќе бидат затворени за товарен сообраќај, а ќе нема проблем за влез и излез на автобусите и патничките автомобили.

„Ние од наша страна како превозници решивме да ги затвориме следните гранични премини: тоа е Деве Баир, Делчево, Ново Село, Дојран, Богородица, Меџитлија, Ќафасан, Блато на Дебар и Блаце. Додека Табановце останува отворено од наша страна, меѓутоа нашите колеги од Србија ќе го блокираат“, изјави Билјана Муратовска, од Транспортната асоцијација Макам-транс.

Муратовска алармираше дека новиот систем особено од 10 април, кога веќе ќе започне електронското броење ќе го поскапи транспортот на стоки и ќе ги пропадне не само нашата туку економиите на цел Западен Балкан. Но, проблемите се веќе започнати, 100 босански транспортери со полиција се гонети, ставани во притвор и депортирани бидејќи го надминале лимитот од 90 дена. Муратовска вели такви случаи имало и со наши превозници. Овие лица не се терористи, не се мигранти, а со нив се постапува како да се најголеми криминалци, реагира таа.

Дека последиците ќе бидат сериозни за бизнисот алармираше и првиот човек на Стопанската комора Бранко Азески.

„Не решава ништо за подобрување на определена област во Европската Унија, а создава сериозни проблеми за нас“, вели Азески. 

„Очекуваме понеделник реакциите да се прошират во сите земји што се погодени од ова. Не очекувам брзо решение, али очекувам повлекување на одлуката“, додаде Азески.

Дека е можен колапс на македонската економија предупреди и министерот за транспорт Александар Николоски. Рече дека се работи за навистина сериозен проблем, за кој што било дискутирано со Европската унија, но дека од нив не наишле на разбирање.

Камионските транспортери се револтирани бидејќи за сите други транспортни дејности има решение, само за нив не. Велат решението е едноставно – и за нив да важат отстапките кои важат за кабинскиот персонал во авионскиот,бродскиот и железничкиот транспорт.

Read Previous

Примарната цел на законот е да ги превенира штетните последици од пушењето, а не да се казнува 

Read Next

АХВ за една година спровела над 125 илјади контроли и наплатила 618 илјади евра