January 22, 2026

Во подрум од куќа во Белгија пронајден скелет на македонски државјанин исчезнат пред 22 години

Форензичарите утврдиле дека скелетот пронајден минатото лето во подрум од куќа во бриселската населба Форест му припаѓа на македонскиот државјанин Реџеп Рахмановски, кој се водел како исчезнат повеќе од две децении, соопшти белгиската Федерална полиција.

Остатоците биле откриени во јули 2025 година при реновирање на објектот, по што биле предадени на детална форензичка анализа. По спроведените испитувања било потврдено дека станува збор за Рахмановски, роден во Македонија во 1976 година.

Според полициските податоци, Рахмановски последен пат бил виден вечерта на 16 јули 2003 година, кога го напуштил своето работно место. По тој датум му се губи секаква трага, а сè до неодамнешната идентификација на скелетните остатоци, надлежните немале сознанија за неговата судбина.

Врз основа на форензичкиот наод, белгиските власти издале налог за претрес на куќата каде што бил пронајден скелетот, со цел да се обезбедат дополнителни докази и информации за околностите под кои настрадал Рахмановски.

Федералната полиција во Белгија упати јавен апел до сите кои располагаат со какви било информации поврзани со жртвата или со неговото исчезнување да се јават кај надлежните служби, при што нагласуваат дека секоја доставена информација ќе биде третирана целосно дискретно.

TV21

Read Previous

До 30 јуни се продолжува кризната состојба во дел од Скопје поради спречување на безбедносни закани

Read Next

Владата на Албанија го одобри пристапувањето во Одборот за мир