Косово е покането да се вклучи во „Одборот за мир“ на американскиот претседател Доналд Трамп за Газа.
Косовската претседателка Вјоса Османи во објавата на својот профил на социјалната мрежа X, со седиште во САД, соопшти дека Косово е покането во „Одборот за мир “ на американскиот претседател Трамп за Газа.
Нагласувајќи дека „вистинскиот лидер“ не зборува за мир, туку и го остварува, Османи истакна: „Токму тоа го прави Трамп со оваа историска иницијатива.“
Во својата објава Османи додаде: „САД помогнаа да се донесе мир во Косово. Денес Косово стои цврсто како сигурен сојузник на САД, подготвено да го унапреди овој мир. Историјата ги памети оние што преземаат храбри чекори за изградба на мир, а ние сме подготвени.“
Во меѓувреме, од земјите во регионот, Словенија соопшти дека, исто така, добила покана, додека премиерот на Албанија, Еди Рама, изјави дека и неговата земја добила покана, за која одлука ќе донесе државниот Парламент.
– „Одбор за мир“ –
Минатата недела, во петокот, Белата куќа го објави формирањето на „Одборот за мир“, заедно со одобрувањето на Националниот комитет за администрација на Газа, едно од четирите тела назначени да управуваат со преодната фаза во енклавата.
Формирањето на одборот се совпадна со започнувањето на втората фаза од договорот за прекин на огнот со кој се запре војната на Израел во Газа, во која се убиени повеќе од 71.000 Палестинци, а над 171.000 се повредени од октомври 2023 година.
Иницијативата е дел од планот од 20 точки предложен од Трамп и усвоен од Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН) според Резолуцијата 2803 во ноември 2025 година.


