October 21, 2025

Муцунски и Спиропали разговараа за билатералната соработка и европската перспектива на двете земји

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, Тимчо Муцунски, оствари телефонски разговор со министерката за Европа и надворешни работи на Република Албанија, Елиса Спиропали.

Како што соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, двајцата соговорници изразиле задоволство од одличната билатерална соработка и ја потврдиле подготвеноста за нејзино понатамошно унапредување во сите области од заеднички интерес.

Во разговорот, Муцунски ја поканил министерката Спиропали во билатерална посета на Северна Македонија, на која, според соопштеното, ќе бидат разгледани конкретни иницијативи за продлабочување на соработката.

„Во телефонскиот разговор стана збор и за европската перспектива на двете држави и за заедничките активности на патот кон Европската Унија. Во тој контекст, беше потенцирано значењето на инфраструктурното поврзување, со посебен акцент на стратешката важност на Коридорот 8 како проект од регионално значење“, наведе Министерството.​​​​​​​

Нагласена е и важноста на негувањето на добрососедските односи, како и заедничкиот придонес на двете земји кон стабилноста и безбедноста во регионот.

Read Previous

Радев ја повика Унгарија да го убеди Скопје да ги спроведе уставните измени

Read Next

АВМУ: Уште две прекршочни постапки за непочитување на изборниот молк