September 6, 2025

Муцунски се сретна генералната директорката на Светската трговска организација

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во рамки на работната посета на Женева, во седиштето на Светската Трговска Организација оствари конструктивна средба со генералната директорката на Светската трговска организација, Нгози Оконџо-Ивеала.

Директорката ги поздрави економските и надворешно-трговските политики на Владата поврзани со странските инвестиции, пазарот на трудот, отвореноста на економијата, како и усогласеноста на државата со рамката на Светската трговска организација.

Министерот Муцунски истакна дека економските реформи се високо на агендата на Владата и ја подвлече посветеноста на државата за трансформација на економијата, во согласност со побарувачката на пазарот на труд и глобалните трговски пазари. Тој нагласи дека привлекувањето на странски инвестиции е силен приоритет, особено во секторите енергетика, фармација, одбрана и други области каде државата може да покаже високо ниво на конкурентност.

„Силниот ангажман на Владата за привлекување на странски инвестиции, членството во НАТО и целосната усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ се потврда дека државата е доверлив партнер и атрактивна локација за инвестирање. Ова дава резултати преку зголемен обем на реализирани странски инвестиции и позитивни економски показатели во делот на извозот“, додаде тој.

Соговорниците се согласија дека интеграцијата на Западниот Балкан неопходно е да добие поголема динамика, бидејќи тоа ќе значи реализација на нови стратешки проекти, поголем прилив на инвестиции, забрзан економски развој на државите и отворање пристап до нови пазари за домашните компании.

Министерот Муцунски на средбата говореше и за новите надлежности на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, кое сега е одговорно за процесите, политиките и регулативата поврзани со надворешната трговија. Во оваа насока најави дека активното учество и засилената соработка со Светската трговска организација ќе бидат еден од приоритетите во следниот период.

TV21

Read Previous

Интерната комисија проверува дали се правеле непотребни операции на срце

Read Next

Над 68.000 туристи добиле здравствена услуга во летните амбуланти во Албанија