
И после 12 октомври граѓаните на Македонија ќе влегуваат во Шенген зоната без да мора да имаат оставено во системот на Европската унија биометриски податоци како фотографија и отпечатоци на прсти. Според министерот за транспорт и врски Александар Николоски, кој денеска беше во работна посета на Стопанската комора, за да ја слушне загриженоста на бизнис заедницата токму околу новите правила за патување и задржување во Европската Унија, прашање е кога навистина ќе стартува новиот начина на влез во ЕУ.
„Во однос на правилата за влез во Европската Унија, тие се одложени за Македонија, тие ќе стартуваат, ако стартуваат, од април наредната година, доколку повторно нема одлагање. Во меѓувреме ние сме во активен дијалог со претставниците на Европската Унија“ – вели министерот за транспорт и врски Александар Николоски.
Инаку, целата на новите правила за влез и излез во Европската унија е потполна дигитализација на влегувањето и на излегувањето од зоната на Унијата, како и електронско водење податоци за дозволениот број на денови за престој кој не смее да надмине 90 дена во период од 180 дена.
„Во суштина, она што сме информирани е дека постојниот систем кој што го има Европската унија се дигитализира, светот оди напред, нормално и технологијата оди напред и во таа насока секако треба да се почитува она што го воведува Европската унија од една страна. Од друга страна, треба да не се комплицира процедурата за влез на македонските граѓани.“, рече Николоски.
Инаку, откако ќе се примени ова ново правило за влез во ЕУ, по шест месеци ќе стартува дополнителна обврска за сите патници кои ќе сакаат да влезат во Унијата. Тоа ќе значи онлајн пријавување за дозвола за да се оди во Шенген зоната, при што ќе треба да се платат и седум евра. Добиената дозвола ќе важи три години, по што се повторува постапката.
Tv21