
Ќе поскапат ли становите по Нова Година? Министерството за финансии анализира дали становите што се продаваат за првпат ќе се даночат со повластена стапка на Данок на додадена вредност (ДДВ) од 5% или таа ќе се зголеми на 18 %?! Повластената стапка со која даночењето на првиот промет на станбени згради и станови е со 5 % важи до крајот на оваа 2025 година. Одлуката колкав данок ќе се плаќа од наредната година треба да се донесе брзо.
„Во рамките на Министерството за финансии, а во координација со другите релевантни институции, ќе се направи детална анализа и доколку се оцени неопходно преземањето определени мерки и активности, тие ќе бидат предложени до Владата на понатамошно разгледување и одлучување“, велат од Министерството за финансии.
Повластената стапка беше воведена 2010 година и беше најавена како антикризна привремена мерка со цел да ја стимулира градежната индустрија.
Но, цените на становите изминативе години рушат рекорди. Само во вториот квартал од годинава, според податоците на Народната банка, цените на становите пораснале за 22,3 проценти.
Градежните компании велат дека зголемувањето на данокот ќе ги покачи цените за разликата од 13 проценти. Така ќе падне севкупниот промет, бидејќи градежништвото придвижува уште 27 други индустриски гранки.
„Доколку ДДВ-то кое што во моментов е 5 проценти се покачи на 18 проценти при купување на недвижност, која што се однесува на станбена пред се, автоматски ќе дојде до покачување на цената во разлика од тие 13 проценти кое секако ќе влијае негативно на пазарот. Со оваа ставка од 5 проценти многу повеќе има бенефит самата држава, него доколку би се покачил ДДВ-то, затоа што ќе се намали продажбата со тоа и севкупниот промет ќе се намали“, вели Ивица Јакимовски од Голден Арт.
Управата за јавни приходи пак го детектираше градежништвото како високоризичен сектор од аспект на даночна дисциплина. Засилените контроли покажале договори со нереално ниска продажна вредност, значителни разлики меѓу реалниот обем на изградба и пријавените приходи од продажба, како и зачестено плаќање во готово, но и можности за злоупотреба токму кај ДДВ-то. На 318 компании им пратила известувања да си ги коригираат неправилностите.
„Во овој сектор постојат ризици коишто може да доведат до неточно плаќање на даноците, особено преку непријавување и нецелосно пријавување на приходите од продажбата – на пример, заради продажба на становите со плаќање во кеш, неточно искажување или нереално искажување на продажните цени во склучените договори, можности за злоупотреба на законското ослободување од ДДВ доколку првиот промет на станот се изврши после истекот на 5 години од изградбата итн“, вели Елена Петрова, директорка на УЈП.
Гувернерот на Народната банка Трајко Славески пак минатиот месец најави мерки за како што кажа шпекулативниот раст на цените на становите. Тој потенцираше дека половина од становите се купуваат во кеш и кажа дека треба да се провери од каде доаѓа таа готовина.
TV21