August 20, 2025

Косово: Пратениците не успеаја да изберат претседател на Парламентот дури и по новата одлука на Уставниот суд

Претседателот на Собранието на Косово не беше избиран ни на првата седница по објавувањето на целосната одлука на Уставниот суд.

Претседавачот со седницата Авни Дехари, според одлуката на Уставниот суд целосно објавена вчера, го повика Движењето Самоопределување, да предложи свој кандидат за претседател на Парламентот.

Пратеникот Глаук Коњуфца отворено ја предложи Албулена Хаџиу за претседателка на Собранието, но таа не ја доби потребната поддршка за да биде избрана на оваа позиција. Само 57 гласа беа „за“ Хаџиу да се избере за претседателка, 56 беа „против“, а тројца пратеници беа воздржани.

По овој неуспех Коњуфца ја предложи пратеничката Доника Гервала за претседателка на Собранието. Гервала, исто така, доби 57 гласа „за“, 56 „против“ и три „воздржани“.

„Седницата е прекината за денес, нема кворум, се гледаме на 22 август во 11 часот“, нагласи Дехари.

Од објавената одлука на Уставниот суд стана јасно дека пратениците мора да го изберат новиот шеф на законодавната институција во рок од 30 дена, рок што започна на 19 август.

Во одлуката се наведува дека Уставот утврдува дека за ист кандидат може да се гласа само до трипати и дека сите пратеници мора да учествуваат во гласањето.

И на претходните седници кандидатката Албулена Хаџиу не доби доволно поддршка од пратениците за да биде избрана за претседателка на Собранието, а по ова партиите Демократска партија на Косово (ПДК), Демократска лига на Косово (ЛДК), Алијанса за иднината на Косово (ААК) и Српска листа одбија да предложат член за комисијата за тајно гласање за претседател на Собранието.

Уставниот суд утврди дека избраните членови на Собранието на Косово не ја спровеле пресудата на Уставниот суд од 26 јуни 2025 година и следствено ги прогласи за неважечки сите седници одржани од 27 јуни до 26 јули 2025 година.

Пратениците од деветтиот законодавен состав одржаа 54 продолженија на конститутивни седници од 15 април до 26 јули 2025 година, без да резултираат со целосно конституирање на законодавната институција.

Read Previous

Јавен увид во Избирачкиот список од сабота до 11 септември

Read Next

Нема отворање на рудникот Казандол, Македонија заштеди 115 милиони евра, рече Мицкоски