July 29, 2025

ССНМ се солидаризира со цивилите и новинарите во Газа, бара реакција од македонските институции

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) изрази солидарност со цивилното население во Газа, како и со новинарите и медиумските работници што работат во крајно опасни услови, повикувајќи ги македонските институции на итна дипломатска и јавна реакција за спречување на хуманитарната катастрофа.

Во отворено писмо упатено до претседателот на Владата на Северна Македонија, министерот за надворешни работи и пратениците во Собранието, ССНМ порача:

„ССНМ се солидаризира со цивилите во Газа, како и со своите колеги и колешки – новинари и медиумски работници, кои и покрај страшните услови се обидуваат да ја работат својата работа и покрај тоа што секојдневно умираат за што изостанува одлучна реакција од светската јавност.“

Од Синдикатот ја осудија, како што наведуваат, воздржаноста на Северна Македонија, оценувајќи дека тоа не е својствено за држава што се стреми кон заштита на човековите права на своите граѓани.

ССНМ бара надлежните државни институции да ги искористат сите свои дипломатски инструменти за да се спречи, како што велат, „хуманитарната катастрофа од незапаметени размери“, која повеќе од една и пол година се случува во Газа.

Во писмото се истакнува дека РС Македонија не треба да остане нема на геноцидот и на прикривањето на вистината за злосторствата, особено што до овој момент загинаа повеќе од 230 новинари во регионот на Газа.

„Известувачите што преживеале се до степен на физички колапс што не им овозможува да ја извршуваат својата задача – да пренесуваат слика и информации од местото на незапаметената хуманитарна катастрофа. Во исто време Израел забранува и влез на странски новинари што дополнително ја замаглува претставата за тоа што се случува во подрачјето на Газа“.

ССНМ бара Северна Македонија јавно и формално да ја поддржи суспензијата на договорот меѓу ЕУ и Израел, итна евакуација на цивили, меѓународни барања за дозвола на странските новинари за пристап до Појасот Газа, заштита на локалните новинари и приклучување кон повиците за меѓународна истрага за систематското гладување како воено злосторство

ССНМ соопшти дека со ова писмо, исто така, потсетува дека се приклучува на реакциите на Меѓународната федерација на новинари (ИФЈ), Европската федерација на новинари (ЕФЈ) и други национални новинарски синдикати и асоцијации, кои веќе пратија апел до Европската Унија и националните власти, барајќи ЕУ да го ревидира својот став кон Израел.

„Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници ги поттикнува македонските власти да се вклучат во општата светска реакција и да помогнат во спречувањето на военото злосторство на почетокот на 21 век“, се наведува во писмото.

Read Previous

Викендов над 1.1000 санкции- Казни за возачи, но и пешаци

Read Next

Кино сала, театар: Aеродром ќе добие културен центар