
На маргините на Саемот за воена индустрија IDEF 25 во Истанбул министерот за одбрана на Северна Македонија, Владо Мисајловски и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски се сретнаа со министерот за национална одбрана на Република Турција, Јашар Ѓулер.
Како што се вели во соопштението на Министерството за одбрана на Северна Македонија, на средбата е истакната долгогодишната активна одбранбена соработка базирана врз заедничката визија за одржување на стабилноста и безбедноста на регионот и развојот на двете земји.
„Продолжуваме да го јакнеме партнерството преку размена на знаење и стручност во сите области“, е заклучено на средбата.
Мисајловски се осврна и на последната нова и софистицирана опрема што стана дел од арсеналот на армијата – хаубиците Боран од турско производство што се дел од декларираната артилериска батерија на Лесната пешадиска баталјонска група, при што истакна дека „македонската Армија е убедена во квалитетот на турската воена индустрија“ и упати благодарност за континуираната поддршка од Турција, особено во развојот на армиските капацитети.
„Македонската Армија минува низ досега најинтензивен процес на модернизација и опремување, што несомнено е инвестиција во безбедноста на македонските граѓани. Посилна Армија значи и посигурна и побезбедна колективна одбрана во НАТО“, рече министерот.
Како што се соопштува, во рамките на посетата на Турција и учеството на Саемот за воена индустрија IDEF 25, вчеравечер министерот Мисајловски се сретна и со претседателот на Агенцијата за одбранбена индустрија на Турција, Халук Ѓорѓун, со кого разговараше за развојот на воената индустрија и потребата од зголемени инвестиции во оваа област, како начин за зацврстување на безбедноста на сојузниците.
Во соопштението се вели дека турската воена индустрија е од интерес за македонската одбрана, особено имајќи предвид дека армијата веќе се опреми со шест нови хаубици со 105 мм и придружна опрема од компаниите „Боран“ и „Аселасан“, а кои неодамна беа промовирани пред македонската јавност.