June 13, 2025

Пронајдени артилериска граната од 75 mm и рачна бомба од Првата светска војна

Во последното деноноќие, вчера во пределот на преспанскиот дел од Национален парк Галичица, беа пронајдени една артилериска граната 75 mm и рачна бомба, при што од страна на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) е интервенирано за безбедно отстранување неексплодирани убојни средства (НУС) од минатите војни.

ДЗС апелира до граѓаните, при прошетки во природата во случај кога ќе пронајдат неексплодирани убојни средства да не ги фаќаат и поместуваат, туку едноставно да се јават на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, по што надлежните институции и служби ќе се погрижат безбедно да бидат отстранети или неутрализирани, согласно конкретните пронајдени НУС. Така ќе бидат заштитени животите и безбедност на тие што ги пронаоѓаат тие потенцијално опасни заостанати оружја од минатите војни, а и животите на идните посетители во природата.

Пронајдените гранати веќе биле употребени, а неексплодирани и претставувале потенцијална опасност за граѓани коишто се на прошетка во природата или пак за пожарникари коишто гаснат шумски пожари во тој предел. Конкретно, артилериска граната од 75 mm со потекло од Прва светска војна била истрелана и помината низ топовска цевка и имала временска запалка којашто од непознати причини не извршила активација на гранатата кога со нејзе се дејствувало. Опасноста за активирање, кај вакви веќе истрелани гранати, постои при дејство, удирање, врз запалката и при висока температура, на пример при пожар и слично.
Рачната бомба, од германско производство, била одбранбена бомба од Прва светска војна со активирана каписла од времето кога била фрлена, употребена.

Двете неексплодирани убојни средства (НУС) од минатите војни се безбедно подигнати и транспортирани на безбедно место за понатамошна постапка до нивно уништување, според оперативните стандардни процедури. од пиротехничарот во ДЗС Битола, Ѓорги Стефанов и овластениот пиротехничар Митко Ташков од ДЗС Гевгелија.





TV21

Read Previous

Бесплатно возење за средношколците во автобусите на ЈСП и за летниот распуст

Read Next

Училиштата да не доделуваат парталави учебници, МОН ќе ги замени со нови пред 1 септември