June 7, 2025

Владата со нова телефонска линија за повредените во Кочани

Додека Кочани сè уште закрепнува од трагедијата која ја потресе државата, владата најави нова, системска фаза на поддршка за повредените и нивните семејства.

  • Телефонска линија за повредени: 070 355 526
  • Активна од понеделник 09.06.2025, достапна 24 часа

На прес конференција, портпаролката Марија Митева објави отворање на телефонска линија за директна комуникација, која стартува на 9 јуни. Ќе биде достапна 24 часа за сите повредени и нивните најблиски.

„Ја воспоставуваме новата телефонска линија за директна комуникација, управувана од Канцеларијата на Претседателот на Владата… и ќе функционира непрекинато и достапно за сите повредени и нивните семејства“, вели Марија Митева.

Новата алатка е резултат на работа на владина работна група која во изминатиот период била во директен контакт со семејствата и медицинските тимови. Целта – не само контакт, туку жива комуникација, персонализирана за секој случај.

„Оваа линија нема да биде само контакт, току жив канал за комуникација, преку кој ќе се одржува дневна, неделна и месечна координација, со редовно информирање и со персонализиран пристап за секој случај.“, додаде Марија Митева.

Дополнително, Митева најави и дека се разгледува можноста дел од третманите, како ПРП за лузни, да се овозможат во Кочанската болница, за пациентите да не патуваат до Скопје на високи температури и да не се изложуваат на сонце што е исклучително ризично за нив.

„За многу скоро од денес ќе објавиме план како сето ова треба да се реши. Свесни сме дека постојат вакви состојби каде што пациентите и при само изложување на сонце може да имаат било каква дополнителна потреба од грижа. Ќе најдеме начин како тоа да го изменаџираме, да има се поголема грижа од страна на медицинските тимови кон повредените и да не треба тие да се изложуваат“, вели Марија Митева.

Митева вели дека целта на телефонската линија е пациентите и нивните  семејства кои имаат прашања кои што се надвор од медицинската грижа и се однесуваат на некоја институционална барања кое им е неопходно да го решат, да имаат каде да се обратат. Потоа, по директната комуникација да се проследи до институцијата која што е надлежна и да го реши прашањето, што е барањата за боледувањата, и целта е да ги соберат тие барања и брзо и институционално да се пости.

Иако новинарите прашаа зошто нема физичка канцеларија во Кочани, Митева објасни дека ова е само прва фаза – собир на податоци и барања, по што ќе следуваат и други чекори, вклучително и можни пунктови на терен.

TV21

Read Previous

Убиен млад човек во центарот на Белград

Read Next

Во Турција 14.372 лица биле повредени при жртвување животни во првиот ден од Курбан Бајрам