May 21, 2025

Собранието ги донесе измените на законот што овозможува работа и за студенти, пензионери и средношколци

Собранието денеска, со 73 гласа „за“, ги донесе измените на Законот за работно ангажирање на лица, со кои значително се проширува кругот на лица што можат да бидат вклучени во дополнителна или сезонска работа.

Со измените, работно ангажирано може да биде лице кое не е во редовен работен однос, но и оние кои се веќе вработени или самовработени, студенти, пензионери (освен оние кои примаат пензија поради неспособност за работа), средношколци над 15 години, како и странци со регулиран престој.

Пратеникот Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ изјави дека со овој закон се создава можност за дополнителен приход, без притоа да се изгубат постојните права од пензија, социјална помош или статусот на студент. Ангажираните лица ќе имаат платено пензиско и здравствено осигурување од државата, а законското решение ќе биде поддржано со грант од 200.000 евра од германска институција.

„Од законот корист ќе имаат сите – државата со полнење на буџетот, работодавачите кои тешко наоѓаат работници и граѓаните кои ќе добијат можност за дополнителен приход“, рече Стојаноски. Како приоритетни сектори се наведуваат угостителството, земјоделството и услужните дејности.

Очекувањата се дека со новите измени околу 30.000 лица ќе влезат во системот на работно ангажирање.

Други одлуки на денешната седница

Собранието со 59 гласа „за“ и 7 „против“ ја избра Бујаре Абази за нов претседател и комисионер на Комисијата за хартии од вредност (КХВ). Заменик-министерот Николче Јанкулоски информираше дека Абази ги исполнува сите услови, вклучувајќи и петгодишно релевантно искуство и познавање на англиски јазик.

Исто така, пратениците дадоа согласност за склучување колективни договори меѓу синдикатите и универзитетите „Гоце Делчев“ – Штип и Универзитетот во Тетово.

На седницата беа прифатени за натамошна постапка и повеќе законски измени, вклучувајќи ги оние за дивечот и ловството, фитофармација, животната средина, како и основното, средното и високото образование.





ТV21

Read Previous

„Туркиш ерлајнс“ им додели награди на победниците на меѓуучилишниот натпревар по сликарство во Скопје