април 19, 2025

Обвинителството бара нови 30 дена притвор за Бектеши

Обвинителството бара нови 30 дена притвор за Крешник Бектеши, поранешниот министер за економија, кој е опфатен со истрагата за пожарот во Кочани, во дискотеката Пулс, кој однесе 61 живот, дознаваат и пренесуваат дел од медиумите. 

Пред 30 дена Бектеши беше повикан на информативен разговор во полициска станица во Карпош, а потоа пренесен и во ОЈО Кочани, по што судија на претходна постапка одреди мерка притвор.

Вчера се наврши еден месец од трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, најголемата несреќа од независноста на државата. 

Досегашната истрага покажа дека постоеле системски грешки и пропусти во изминатите години поради што досега со истрагата опфатени се вкупно над 60 физички и три правни лица меѓу кои сопственикот на дискотеката, сегашни и поранешни градоначалници на Кочани, поранешни министри за економија, поранешни директори на Државниот пазарен инспекторат, полициски службеници…. Истрагата се уште трае, а во неа се вклучени 13 обвинители. Досега се извршени голем број претреси, сослушани сведоци и собрани над илјада материјални докази.

Викендов, истрагата беше проширена со нови 19 лица. Пожарот во дискотеката во Кочани настана ноќта на 15 кон 16 март за време на настапот на групата „ДНК“. Животот го загубија вкупно 61 лице од кои 59 уште истата вечер. Починатите беа на возраст од 16 до 48 години. Најголем број од нив на возраст од 24 и 26 години. Меѓу нив беа и пејачот на  бендот „ДНК“ Андреј Ѓорѓиески, професорката на Факултетот за музичка уметност Сара Пројковска, тапанар Ѓорѓи Ѓорѓиев, како и Филип Стевановски, Александар Коларов и Александар Ефремов. 

Двајца починаа дополнително како последица на тешките повреди. Еден од нив беше и управителот на дискотеката Александар Каракадовски, кој почина во Литванија каде се лекуваше. И тој беше еден од осомничените, но за него сега истрагата е прекината. 

Повредени беа вкупно 193 лица од кои најголем дел, по првично укажаната медицинска помош во болниците во земјава, беа испратени на лекување во странство. Трошоците за лекување и сместување на семејствата на повредените беа целосно покриени од страната на државата.  




Skopjeinfo

Read Previous

Македонско бизнис присуство во Дубаи – регистрирани 52 компании

Read Next

Жељазков и Марта Кос: Без Западен Балкан не може да се заврши европскиот проект