април 29, 2025

НАТО нема да дозволи да биде загрозен тешко стекнатиот мир во Босна и Херцеговина

Шекеринска нагласи дека ангажманот на НАТО на Балканот е долгогодишен и потсети дека минатата недела министрите за надворешни работи на Алијансата ја потврдиле својата цврста посветеност на стабилноста и безбедноста во регионот, особено во БиХ.

Заменик-генералната секретарка на НАТО, Радмила Шекеринска, изјави дека Алијансата нема да прифати ниту еден вид безбедносен вакуум во Босна и Херцеговина, ниту пак ќе дозволи да се загрози „тешко стекнатиот мир“, јавува Анадолу.

Пред средбата со членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина во Брисел, Шекеринска нагласи дека ангажманот на НАТО на Балканот е долгогодишен и потсети дека минатата недела министрите за надворешни работи на Алијансата ја потврдиле својата цврста посветеност на стабилноста и безбедноста во регионот, особено во Босна и Херцеговина.

„И понатаму сме загрижени поради последните случувања во Босна и Херцеговина. Пред сè, НАТО цврсто го поддржува територијалниот интегритет и суверенитетот на Босна и Херцеговина, во согласност со Дејтонскиот мировен договор. Овој договор мора да се почитува, бидејќи претставува темел на стабилноста и на државната архитектура на БиХ“, изјави Шекеринска.

Таа истакна и дека уставниот поредок на Босна и Херцеговина мора да се почитува.

„Ние нема да прифатиме постоење на безбедносен вакуум во Босна и Херцеговина и нема да дозволиме тешко стекнатиот мир да биде загрозен. НАТО останува тесно поврзан со своите меѓународни партнери за да го спречи тоа. Стабилна и безбедна Босна и Херцеговина е од интерес за сите нас“, подвлече Шекеринска.

Таа ја опиша Босна и Херцеговина како вреден партнер и додаде дека Алијансата е подготвена уште повеќе да ја продлабочи соработката преку спроведување на своите програми во земјата.

„Сите сакаме да ја видиме Босна и Херцеговина како напредува по својот европски и евроатлантски пат. Досега е постигнат голем напредок, и се надеваме, заедно со нашите партнери, да изградиме уште посилна основа за доброто на сите граѓани на БиХ“, додаде Шекеринска.

Таа денеска во Брисел ќе се сретне со претседавачите и членови на Претседателството на Босна и Херцеговина, Жељка Цвијановиќ, Жељко Комшиќ и Денис Беќировиќ, за да разговараат за актуелната состојба во земјата и за „заедничкото партнерство“, како што најави Шекеринска.

AA

Read Previous

Дури 90% од граѓаните се согласуваат да дадат мито

Read Next

Повеќе од 15 години нема забрана за употреба на пиротехника во простории од затворен тип

Most Popular