април 16, 2025

Софија подготвена да потпише договор со Скопје за прекуграничен железнички тунел на Коридорот 8

Вицепремиерот и министер за транспорт и врски Гроздан Караџов вели дека Бугарија е целосно подготвена да потпише договор со Македонија и да започне со изградба на прекуграничен железнички тунел долж Коридорот 8.

Караџов нагласи дека тунелот меѓу Ѓуешево и границата со Северна Македонија не е само инфраструктурен објект, туку стратешка врска што ќе овозможи слободно движење меѓу Црното и Јадранското Море. Според него, Бугарија може веднаш да започне со изградба на делот од Ѓуешево до границата во должина од 2,4 километри, но вистинскиот почеток зависи од изградбата на самиот објект на тунелот.

„Очекуваме одговор и коментари од Скопје за предложениот договор. Доколку нема забелешки, подготвени сме веднаш да го потпишеме и да почнеме со работа“, рече Караџов.

Министерот за регионален развој Иван Иванов изјави дека и покрај секојдневните предизвици, Бугарија не треба да го изгуби фокусот на стратешките проекти како што е Коридорот 8. Тој ја истакна потребата од забрзување на реализацијата, бидејќи проектот е од исклучителна важност за економско и логистичко поврзување во регионот.

Министерот за одбрана Атанас Запријанов, пак, истакна дека развојот на основната инфраструктура, вклучително и железничкото поврзување со Република Северна Македонија, е од особено значење за Бугарија и мора да се направи се што е можно за да се постигне опиплив напредок во краток временски период.

„Бугарија го смета железничкото поврзување со Северна Македонија како клучен елемент на проектот Воена мобилност, кој е приоритет за соработка меѓу НАТО и ЕУ“, нагласи Запријанов. Според него, подоброто поврзување ги зголемува не само одбранбените способности, туку и улогата на регионот во безбедносниот систем на Европа.





TV21

Read Previous

Маркетите и аптеките од петок со обврска да ги објавуваат цените онлајн

Read Next

Во Турција уапсени 234 лица во меѓународна операција против организираниот криминал