март 16, 2025

Србија ќе испрати воени хеликоптери, соседите нудат помош, Македонија доби пораки на солидарност по трагедијата во Кочани

Македонија доби пораки на сочувство од бројни земји во светот за трагедијата во Кочани во која загина 51 лице и повредени се повеќе од 100. Соседни Бугарија, Грција, Србија и Албанија на Македонија ѝ ги понудија и своите медицински капацитети и друг вид помош за справување со последиците.

Српскиот претседател Александар Вучиќ изрази сочувство до претседателката Гордана Силјановска-Давкова за трагичниот пожар. Тој на Инсгаграм напиша дека „понудив, во име на Србија, а претседателката на Северна Македонија прифати, да испратиме хеликоптери и други медицински транспортни средства, медицински тимови, како и да примиме во болниците во Србија голем број од повредените во трагедијата во Кочани“.

На крајот од објавата српскиот претседател наведува дека „ Ја информирав претседателката дека Србија ќе го прогласи 18 март за Ден на жалост за трагедијата и изразив уверување дека народот на братска Северна Македонија, со силата и солидарноста што секогаш ја покажувал, ќе успее да ја надмине оваа голема трагедија и да најде начин да закрепне“.

Вицепремиерот и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ објави дека Србија ќе испрати воени хеликоптери по повредените, за да се лекуваат на Воено-медицинската академија (ВМА) во Белград.

Пораки на сочувство пристигнаа и од премиерот и од претседателот на Албанија. Албанскиот премиер Еди Рама изрази подготвеност за пружање секаква неопходна помош.




Tocka

Read Previous

МНР формираше кризен штаб по трагедијата во Кочани

Read Next

Сочувство од Турција за загинатите во пожарот во Северна Македонија