
Амбасадорот Улусој, во своето обраќање по овој повод, рече дека Туркије и Северна Македонија имаат многу блиски врски што се зајакнати со нивната заедничка историја.
Стопанската комора Македонија-Туркије (МАТТО) вечерва организираше ифтарска вечер во Скопје, јавува Анадолу.
На ифтарот присуствуваа премиерот на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ, амбасадорот на Туркије во Скопје, Фатих Улусој, министри и пратеници на Северна Македонија, претставници на турски институции и организации во земјата и голем број гости.
Амбасадорот Улусој, во своето обраќање по овој повод, рече дека Туркије и Северна Македонија имаат многу блиски врски што се зајакнати со нивната заедничка историја.
Истакнувајќи дека Северна Македонија и Туркије имаат партнерство засновано врз заемна соработка и НАТО-алијансата, Улусој потсети дека со документот што премиерот Мицкоски го потпиша со претседателот Реџеп Таип Ердоган во Истанбул на 28 февруари беше формиран Советот за соработка на високо ниво меѓу двете земји, со што се потврди стратегиското партнерство.
Турскиот амбасадор рече дека Северна Македонија е важна земја и за Балканот и за другите делови на светот, со различни етникуми и култури што живеат во меѓусебна почит и доверба.
„Со многу компании и организации што дејствуваат во оваа земја Туркије ги продолжува своите економски врски и инвестиции со Северна Македонија во многу области, особено банкарството, образованието, културата, здравството, одбранбената индустрија и индустриското производство. Граѓаните што во минатото емигрирале од Северна Македонија во Туркије и Турците кои со векови живеат во Северна Македонија секојдневно ја продлабочуваат врската меѓу нашите народи. Турската заедница на Северна Македонија продолжува да дава значителен придонес за развојот на земјата на секое поле“, нагласи Улусој.
– „Турските компании нудат вработување на 10 илјади луѓе во оваа прекрасна земја“ –
Улусој рече дека Туркије е еден од најголемите трговски партнери на Северна Македонија и дека двете земји имаат заедничка волја да го зголемат на 2 милијарди долари обемот на билатералната трговија што во моментов се приближува до 1 милијарда долари. Тој додаде дека МАТТО и компаниите членки на МАТТО имаат големи одговорности во оваа насока.
Улусој истакна дека одбранбената индустрија е приоритетна област за Туркије во односите со Северна Македонија и пренесе дека туризмот, исто така, е важна димензија на економските односи.
„Би сакал да нагласам дека МАТТО не само што ги развива економските односи туку и ги продлабочува врските меѓу народите на земјите. Турските компании обезбедуваат вработување за 10 илјади луѓе во оваа прекрасна земја и играат важна улога во развојот на земјата“, рече тој.
Од друга страна, претседателот на МАТТО, Ајдован Адемоски, им се заблагодари на присутните, истакнувајќи: „Оваа вечер е вечер што сите нас нѐ сплотува, вечер што го покажува нашето братство, заедништво и сплотеност и се надевам дека по ова вечер сите заедно ќе направиме поубави работи за нашата татковина.“
AA