
Српскиот претседател ги обвини соседните земји дека ги поддржуваат антивладините протести.
Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска во Крепољин изјави дека Србија ќе го издржи и ќе го победи злото што „ја нападна нашата земја однадвор и кое сака да ја уништи“, нагласувајќи дека тримесечните блокади ја уништиле економијата на земјата, пренесува Анадолу.
Во разговор со граѓаните во Домот на културата во Крепољин, на третиот ден од посетата на источна Србија, Вучиќ рече дека е доволно само да се погледнат „оние кои се обединиле и кои ги поддржуваат сите оние кои се против Србија, од Албин Курти до Хрватите и Сараево, и сѐ е јасно“.
„Никој друг повеќе не треба ништо да ви објаснува. Никој друг ништо повеќе не треба да каже. Погледнете ги само оние кои се обединија во борбата против Србија и сè сте разбрале. Ќе го издржиме ние тоа. Ни уништија три месеци, ни изедоа три месеци”, рекол Вучиќ, пренесе Танјуг.
Претседателот на Србија посочи дека тримесечните блокади ја уништиле економијата на Србија, но дека „ќе ја кренеме Србија“ и изрази уверување дека Србија годинава ќе биде меѓу првите три земји по стапка на раст во цела Европа.
„Ни ја уништија економијата за три месеци, но тоа еднаш го направија еднаш во 12 години, па успеавме да ја подигнеме Србија. Ќе ја подигнеме Србија и по овие три месеци блокади, разорувања, неработење, неодговорност и уништување. Веќе оваа година верувам дека ќе бидеме во првите три земји по стапка на раст во цела Европа“, рече Вучиќ.
Студентите и граѓаните протестираат од крајот на минатата година, откако 15 лица загинаа при уривање на настрешница на Главната железничка станица во Нови Сад на 1 ноември.
Под блокада се најмалку 63 факултети на пет државни универзитети, два приватни факултети и четири стручни школи.
Српскиот премиер Милош Вучевиќ поднесе оставка од функцијата шеф на владата, а ширум земјата започнаа истраги и апсења на осомничени за корупција.
AA