март 3, 2025

Музеј на Народната банка: Ризница на монетарното наследство на Северна Македонија

Со повеќе од 23.000 примероци, колекцијата сведочи за економскиот развој на територијата на Северна Македонија од 6 век пр.н.е. до денес.

Музејот на Народната банка на Република Северна Македонија претставува уникатна ризница на монетарното наследство на земјата, каде што посетителите можат да видат монети и банкноти од различни историски епохи, пишува Анадолу.

Со повеќе од 23.000 примероци, колекцијата сведочи за економскиот развој на територијата на Северна Македонија од 6 век пр.н.е. до денес.

– Монети од антиката до современоста

Музејската поставка опфаќа околу 3.000 примероци на пари од најразлични периоди, вклучително и примероци од времето на Филип Втори и Александар Македонски, Римското Царство и Отоманската Империја.

Катерина Христовска, раководителка на музејот, во разговорот за Анадолу истакнува дека најстарите монети во збирката датираат од 6 век пр.н.е., произведени од пајонските племенски заедници што живееле на овие простори.

„Најстарите сребрени пари им припаѓаат на пајонските племиња Дерони и Лајаи. Тие претставуваат првичен израз на политичкиот суверенитет и се користеле и за секојдневни потреби“, вели Христовска.

Во античкиот период монети се произведувале во градовите Лихнид (денешен Охрид) и Стоби, а во средновековниот период производството продолжило во Охрид, Скопје и Кратово.

Првите златни пари на оваа територија се употребувале во времето на Филип Втори Македонски, кој вовел златни статери на средината на 4 век пр.н.е.

– Значајноста на збирката за културното наследство

Колекцијата на Народната банка не само што има големо значење за македонското културно наследство туку и ги надминува границите на локалното.

Според Христовска, збирката овозможува не само соодветна јавна презентација туку и соодветни проучувања поврзани со расветлувањето на различни аспекти на долгото монетарно минато на оваа територија.

„Претставите на аверсите и реверсите на парите е една многу сложена тема за проучувачите на оваа материја, пред сѐ, заради официјалноста на парите и многу често она што го поседуваат предната и задната страна на секоја паричка е симболичен израз на моќта и благосостојбата на политичкиот суверен во чие име тие биле издавани“, вели Христовска.

– Дваесет години посветеност на нумизматиката

Музејот на Народната банка постои повеќе од две децении. Неговото формирање започнало во 1998 година, во 2001 година официјално е формирана збирката, а следната година е отворена постојаната музејска поставка.

„Цел на формирањето на овој музеј во рамките на централната банка беше да се создаде институционален обид за собирање, чување, заштита, проучување и промовирање на нумизматичкото културно наследство на нашата држава“, објаснува Христовска.

Музејската поставка е отворена за посетителите секој работен ден од 9 до 15 часот, а влезот е бесплатен.

Христовска ги повикува сите љубопитни граѓани и туристи да ја посетат оваа ризница на монетарното минато и да откријат како се развивале економиите низ различните историски периоди на Северна Македонија.




AA

Read Previous

Македонија без Закон за сајбер безбедност: Институциите сами одлучуваат дали ќе се заштитат

Read Next

Работниците од месецов очекуваат поголема минимална плата, Владата чека договор