март 1, 2025

Занаетчиите на пазарот во Круја, гардијани на албанската традиција

Во Стара чаршија во градот Круја, со историја повеќе од 400 години, се негуваат традиционалните методи на изработката на кечиња и традиционални албански носии, теписи, како и други занаети.

Познатиот пазар во Круја, со историја повеќе од 400 години, е една од најпознатите туристички атракции на Албанија.

Оваа Стара чаршија во градот Круја е изградена за време на османлискиот период, а дел од неа се занаетчии што со децении ги одржуваат во живот разните занаети.

Во дуќаните на оваа чаршија, сместени од двете страни на долгиот коридор со калдрма, може да се најдат сувенири, стари или новоизработени предмети, а занаетчиите од околината ја продолжуваат традицијата на изработка на килими, теписи, обработка на дрво и други занаети.

Во близина се наоѓа и Чаршиската џамија од 16 век, која беше реконструирана од Турската агенција за развој и координација (ТИКА) пред неколку години.

Меѓу најпопуларните занаети е изработката на кечиња и традиционални албански носии, теписи, грнчарскиот и ковачкиот занает, како и други занаети.

– Производството на кечиња, еден од најстарите занаети во Албанија

Педесет и петгодишниот Ндричим Гуни, кој е од Круја, за Анадолу вели дека занаетот за изработка на кечиња го наследил од семејството, а традицијата ја продолжува неговиот син.

Популарното албанско кече е бела капа изработена од волна, која е изгазена и измиена со сапун и има различни форми и големини според албанските краишта.

Производството на кечиња се смета за еден од најраните и најавтентичните занаети во Албанија и за нивно производство се потребни волна, вода и сапун. Гуни вели дека во неговата работилница користат суровини само од Албанија.

„Со изработка на кечиња се занимавам веќе 34 години. Го наследив од семејството. Од татко ми го научив занаетот и заедно со син ми работам 100 отсто како што се работеше пред стотици години“, вели Гуни.

Гуни нагласува дека во неговата работилница изработуваат кечиња од сите албански краеви, со различни модели. Како што појаснува тој, кечињата се 100 отсто рачно изработени, а опремата е многу стара и оригинална, дел наследен од неговите предци.

Кечињата сѐ уште се користат како дел од традиционалната облека, во пригоди како што се празници, свадби, па дури и за секојдневна употреба, особено од постарите лица.

– Занаетчии со децении

Шеесетгодишната Деширe Маја од Круја е занаетчијка која веќе неколку децении се занимава со изработка на теписи, а вели дека занаетот го наследила од мајка ѝ.

„На 16 години почнавме да ткаеме теписи. Со овој занает се занимавам веќе 48 години. Изработката на теписите отсекогаш била рачна“, вели таа.

Маја нагласува дека во зависност од моделот и големината, изработката на теписите трае од седум до 21 ден и дека волнените материјали за изработка на теписите се оригинални, албански.

Друга занаетчијка на пазарот во Круја е 56-годишната Макбуле Качиу од Круја, која изработува народни носии и разни традиционални материјали.

„Со овој занает започнав на 14 години, мајка ми ме научи. Занаетот го започнав со везење, а потоа со текот на времето почнав да работам и со народните носии од Централна Албанија. Сите се рачно изработени. Со овој занает се занимавам веќе 42 години. Многу сум задоволна и сѐ уште чувствувам задоволство“, вели таа.

Пазарот на Круја служи и како центар за зачувување на албанската традиција и тоа е една од најпосетуваните туристички дестинации во Албанија, со посетители во сите годишни времиња од целиот свет.




AA

Read Previous

Распределбата на судските предмети се врши електронски

Read Next

Откриени повеќе неправилности кај маркетите, наредна недела ќе има казни, а можно е и затворање на некои објекти