февруари 24, 2025

Мицкоски од Вашингтон: Македонија е верен сојузник на САД, Европа треба да е принципиелна наместо со двојни стандарди

Мицкоски имаше свое обраќање на Конференцијата за политичко дејствување на конзервативците (СРАС), голем собир на Републиканската партија во Вашингтон.

Премиерот на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, синоќа од Вашингтон рече дека од самиот почеток на самостојноста на земјата од поранешната југословенска федерација постојат две стратешки цели, полноправно членство во НАТО и полноправно членство во Европската Унија, потенцирајќи дека Европа треба да е принципиелна наместо со двојни стандарди, пренесува Анадолу.

Мицкоски имаше свое обраќање на Конференцијата за политичко дејствување на конзервативците (СРАС), голем собир на Републиканската партија во Вашингтон.

„Ние станавме членка на НАТО, но пред тоа го сменивме знамето, ја сменивме нашата валута, го сменивме нашиот Устав, го сменивме нашето име, затоа што некој од нашите соседи станал член на НАТО пред нас и го злоупотреби ветото за да ги исполни билатералните барања. Ако ова не е мешање во внатрешните работи тогаш што е?“, истакнал Мицкоски на собирот, соопшти Владата.

Тој нагласил дека земјата не е во можност да стане членка на Европската Унија (ЕУ), „затоа што повторно имаме притисок да го смениме нашиот Устав. Ако Уставот не е внатрешно прашање на суверена земја, тогаш се прашувам што е? Зарем тоа е фер?…Европските вредности не се билатеризација на процесот на пристапување кон Унијата“, соопшти Владата на Северна Македонија.

Мицкоски, како што соопшти Владата, се осврнал и на стратешкото партнерство на САД и Северна Македонија, истакнувајќи дека земјата е една од земјите со најголем придонес во НАТО по глава на жител.

„Одвојуваме над 2 проценти, посветени сме и ги поддржуваме политиките на претседателот Трамп и сметаме дека 2 проценти треба да биде ниската граница, а не високата“, истакнал премиерот Мицкоски на собирот на американските конзервативци во Вашингтон.

Како што се наведува во соопштението, Мицкоски, посочил дека „Македонија е срцето на Балканот и југоисточна порта на Европа“, и дека како таква беше актуелна на патот на мигрантите кон Европа пред извесен период кон Европа: „Ние бевме на „фронтот“ и се боревме против илегалната миграција, штитејќи ја Европа од илегалните мигранти“, додавајќи дека тоа е главниот фокус и на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.

Додава дека Северна Македонија има „голема дијаспора низ светот, речиси еднаква по бројност колку што живеат во татковината“, објаснувајќи го македонското општество како „мултиетничко со две третини Македонци, една третина се Албанци, Власи, Срби, Турци, и други“, се вели во соопштението на Владата.

Инаку, на Конференцијата за политичко дејствување на конзервативците (СРАС) во четвртокот свое обраќање имаше американскиот потпретседател Џи-Деј Венс, а денес се очекува обраќање и на американскиот претседател Доналд Трамп.



AA

Read Previous

Граѓаните на Северна Македонија и Косово наскоро ќе ја поминуваат границата со една контрола