
Прашан дали Коцевски потфрлил во борбата против организиран криминал и висока корупција, она во што ќе се бара поголем придонес од новиот државен јавен обвинител, Тошковски само кратко повтори „јасен е ставот на Владата“
Новиот државен Јавен обвинител треба да биде обвинител што ќе даде поголем придонес во рамки на легитимитетот за борба против организиран криминал и висока корупција кај граѓаните, вели министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Прашан која е најголемата критика во работата на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, за кого Владата бара разрешување, Тошковски, одговарајќи на новинарски прашања по јавната дебата за „Безбеден град“, рече „јасен е ставот на Владата во однос на тоа прашање“.
„Не би сакал овој настан да го обременам со тема којашто не е круцијална за истиот“,рече Тошковски.
Прашан дали Коцевски потфрлил во борбата против организиран криминал и висока корупција, она во што ќе се бара поголем придонес од новиот државен јавен обвинител, Тошковски само кратко повтори „јасен е ставот на Владата“.
По седницата во вторникот оваа недела, Владата го задолжи Министерството за правда да достави предлог за разрешување на државниот обвинител Љупчо Коцевски. Предлогот потоа ќе биде доставен до Советот на јавни обвинители, од каде што е потребно да се добие мислење.
Вчера, вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити рече дека предлогот би се разгледувал на следната редовна владина седница, односно до наредниот вторник, доколку Правда го изготви до тогаш.
Прашан дали меѓу коалициските партнери се разговара кој да биде нов државен обвинител, Меџити вели дека не разговараат за одредено име, туку за човек кој треба да биде посветен професионалец.
Инаку, според Законот за јавно обвинителство, на предлог на Владата, републичкиот јавен обвинител го именува Собранието за време од шест години со право на повторно именување, а може да биде разрешен по две основи – ако е член на политичка партија и ако сторил тешка дисциплинска повреда.
360Stepeni