февруари 21, 2025

Градоначалничката Данела ќе се спаси: Референдумското отповикување ќе важи за идните градоначалници

До 30 март ќе се подготвуваат предлог измените на Законот за локална самоуправа а се очекува до летото да бидат усвоени во Собранието. Ова го најави министерот за локална самоуправа Златко Перински кој рече дека главна измена на овој закон е граѓаните да можат да иницираат и потоа преку референдумско изјаснување да отповикаат градоначалник. Сепак актуелната градоначалничка на Град Скопје Данела Арсовска нема да биде опфатена со овој закон, туку ќе важи за идните општински татковци.

-Невозможно е законот да важи ретроградно. Значи новиот закон кој што ќе го донесеме ќе ги опфати практично оние новите градоначалници кои што ќе ги добијат своите мандати после ноември. Преку граѓанска иницијатива ќе се овозможи можноста за распишување на референдум, потоа се распишува референдумот и врз основа на резултатите кои што ќе ги добиеме од референдумот гледаме дали има можност за отповик и дали ќе се оди на нови локални избори, изјави Златко Перински, министер за локална самоуправа.

Како новина се предвидува да има и комунална полиција со цел да се превенираат девијантните појави со уништување на урбаната опрема и правење други штети, но неговото функционирање ќе се уреди со Законот за комунални дејности.

-Паралелно сакаме комуналниот надзор да го запишеме во делот на Законот за локална самоуправа и исто така да ги зголемиме неговите овластувања во делот на Законот за комунални дејности за да можеме на тој комунален редар во иднина му дадеме повеќе овластувања и да може да превенира девијантни однесувања кои што сме сведоци дека секојдневно ни се случуваат, изјави Златко Перински, министер за локална самоуправа.

Градоначалникот на Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС Орце Ѓорѓиевски смета дека покрај за градоначалниците треба да има можност и за отповикување и на советниците.

-Има прашања кои што долги години лебдат а не биле затворени, ова е вистинска можност да практично силата да се врати кај суверенот, на граѓаните, а е поврзано со мандатите на градоначалниците, но исто ние бараме да биде и со советниците, изјави Орце Ѓорѓиевски, претседател на ЗЕЛС.

Ова беше 4-та јавна дебата за измените на Законот за локална самоуправа со што се заокружува серијата расправи за измените на овој закон по што новите решенија ќе бидат дадени на седница на Влада, а потоа и за усвојување во Собрание.





TV21

Read Previous

Полицијата постави рекорд, викендов казнети 3142 лица од кои 1498 за брзо возење

Read Next

Рокас: Постои желба на ЕУ да помогне во евроинтегративниот процес на С. Македонија