Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски е во тридневна посета на Обединетите Арапски Емирати, каде што ќе присуствува на Светскиот самит за влади 2025.
На покана на неговиот колега Омар Султан Ал Олама, министер за вештачка интелигенција, дигитална економија и апликации за работа на далечина, Андоновски ќе присуствува на самитот под наслов „Обликување на владите на иднината“. Овој глобален настан ќе собере над 30 шефови на држави и влади, 400 министри, 80 претставници на меѓународни организации и 140 владини делегации за да дискутираат за глобалните предизвици и да креираат иновативни решенија за иднината.
Самитот ќе се фокусира на клучни теми: идни технологии и вештачка интелигенција, одржлива енергија и климатски промени и глобално здравство и економска стабилност.
Андоновски ќе се осврне на темите за иновациите во управувањето со јавната администрација и дигиталната трансформација. Во рамки на посетата, Андоновски ќе оствари билатерални средби со домаќинот, министерот Омар Султан Ал Олама, како и со Мохамед Хамад Ал Куваити, шеф на одделот за сајбер безбедност на Владата на Обединетите Арапски Емирати и претседател на Советот за сајбер безбедност, како и Абдула Насер Лоота, заменик министер за кабинетски работи за конкурентност и размена на знаење.
Светскиот самит за влади 2025 има за цел да поттикне меѓународна соработка, да ги инспирира идните генерации на влади во пронаоѓањето на иновативни решенија што ќе го подобрат животот на луѓето ширум светот.
На самитот ќе присуствуваат и водечки технолошки и бизнис лидери како: Елон Маск – CEO на Tesla, SpaceX, xAI и Twitter/X, Сундар Пичаи – CEO на Google, Лари Елисон – ко-основач на Oracle, Клаус Шваб – основач и претседател на Светскиот економски форум и Даниел Динс – CEO на UiPath.