![](https://timebalkan.mk/wp-content/uploads/2025/02/janevska1-1024x521-1.jpg)
На прес-конференцијата што се одржа претпладнево, министерката за образование и наука, Јаневска, информираше дека Министерството за образование и наука формирало меѓуресорска група за поефикасно справување со ситуацијата по дојавите за поставени експлозивни направи во неколку основни и средни училишта.
„Сите дојави се лажни, а учениците се вратени на настава“, изјави Јаневска, благодарејќи на брзата реакција на Министерството за внатрешни работи. Таа изрази жалење што некој си игра со безбедноста на децата и ги повика раководствата на училиштата да ги пријавуваат ваквите дојави во МВР и да ги следат протоколите на полицијата.
Министерката истакна дека е важно наставниците и директорите да комуницираат исклучиво преку службените електронски адреси, креирани од МОН, бидејќи, како што рече, дојавите не биле примени преку службените, туку преку приватни мејлови. За оваа цел, безбедноста е зголемена со двојна автентикација при користењето на службените мејлови.
Таа препорача општините, ако имаат можност, да обезбедат физичко обезбедување и видеонадзор во училиштата и да бидат попретпазливи за тоа кој и како влегува во училиштата во овој чувствителен период.
На прашањето дали има информации за тоа кој ги испраќа дојавите, Јаневска изјави дека тоа е надлежност на МВР, но дека МОН постојано комуницира со полицијата во врска со овој случај. Таа, исто така, апелираше до родителите да се чувствуваат безбедно бидејќи се преземени сите неопходни мерки за заштита.
TV21