Црна Гора ќе биде 28. членка на Европската унија (ЕУ), изјави црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ
„Стратешкото партнерство меѓу ЕУ и Западен Балкан е поважно од кога било. Затоа Црна Гора мора да ја искористи шансата да стане 28-ма членка на Европската унија до 2028 година“, рече Милатовиќ за време на предавањето пред студентите во Натолин, кое го даде за време на работната посета на Полска.
Тој рече дека Црна Гора се смета за најнапредна од десетте земји кандидати за членство во ЕУ.
„Наша стратешка цел е да ги завршиме преговорите до крајот на 2026 година и да станеме членка на ЕУ до 2028 година. Тоа е амбициозен, но остварлив план“, рече Милатовиќ и нагласи:
„Постојат пет причини зошто Црна Гора е лидер меѓу земјите кандидати. Отворивме 33 поглавја во преговорите со ЕУ и затворивме шест. Целосно ја усогласивме нашата надворешна и безбедносна политика со европската. Црна Гора е економски најнапредна од други земји-кандидати и веќе го користи еврото. Немаме значајни отворени прашања со нашите соседи, иако постои предизвик со Хрватска” – порача тој.
Fokus