Предложената Концепција за гимназиско образование на министерката Јаневска е на директна штета на учениците, наставниот кадар и иднината на образовниот систем, велат од СДСМ.
„Јавноста, учениците, професорите и стручната фела со право реагира и недвосмислено нагласуваат дека предложената Концепција за гимназиско образование е несоодветена и неприфатлива.
Иако се најавува како реформа во суштина е катастрофално лоша и ја загрозува суштината на еден воспитно-образовен процес.
Концепцијата ги маргинализира основните општествено-хуманистички дисциплини како Филозофија, Социологија, Логика и Етика, кои се клучни за развојот на критичката мисла и интелектуалните способности на учениците.
Наместо модернизација и унапредување на образованието, предложените реформи ја загрозуваат неговата суштина. Укинувањето или маргинализацијата на овие предмети значи дека ќе продуцираме генерации на ученици кои нема да знаат како да размислуваат критички и рационално.
Дополнително, неприфатливо е да се сведува етиката на „пример од личното однесување на наставниците“. Ова укажува на крајно несериозен пристап кон научната мисла на етиката, логиката и другите дисциплини кои ги едуцираат младите да бидат одговорни и слободоумни личности.
Ја повикуваме министерката Јаневска, веднаш да ја повлече предложената Концепција и итно да отворат јавна дебата.
Да ги вклучат мислењата и анализите на стручната фела, професорите, учениците и експертите.
Реформите да се темелат на детални и транспарентни анализи, а не на онлајн анкети.
Образованието мора да ги подготвува младите за справување со комплексноста на современиот свет, да ги поттикнува да размислуваат критички и да бидат морално храбри личности. Само преку квалитетно образование ќе создадеме генерации кои ќе бидат столб на едно понапредно и праведно општество“, се вели во соопштението на СДСМ.
ZOOM