јануари 23, 2025

Граѓаните должат 4 милијарди евра во банките

Кој има штеди во банка, кој нема се задолжува преку кредити. Растат и депозитите и кредитите на граѓаните и компаниите во домашните банки. Во декември лани вкупните депозити достигнаа речиси 9,8 милијарди евра, од кои 6,5 милијарди се заштедите во банка на македонските граѓани. 2,9 милијарди евра пак се заштедите на компаниите.

„Вкупните депозити, во декември, забележаа месечен раст од 5,3%, кој што се должи на повисоките депозити на двата сектора, со поизразен придонес на секторот„домаќинства“. На годишно ниво, вкупните депозити се зголемени за 12,4%, во поголем дел поради растот на депозитите на „домаќинствата“, при раст и на депозитите на корпоративниот сектор“, велат од НБРМ.

На другата страна на паричникот се кредитите, кои вкупно тежат 8 милијарди евра. Граѓаните се задолжени во банки со вкупно 4 милијарди евра преку кредити, а речиси исто толку е задолжувањето на фирмите.

Во декември, вкупните кредити бележат месечно и годишно зголемување за 2,7% и 11,2%, соодветно. Месечната и годишната промена е резултат на растот на кредитирањето кај двата сектора, со поизразен придонес на корпоративниот сектор.

Граѓаните поделени.

Штедите во банка ви остануваат ли пари да заштедите или се задолжувате преку кредити?

„Не преку кредити, колку имам толку трошам“.

„Не заштедувам ама ми стига пензијата да си го поминам и да си уштедам ситна пара за одмор“.

„Не, ни се задолжувам ниту штедам“

„Не се задолжувам. Избегнувам.“

А штедите?

„Да“

Во банка, така?

„Да. Банка и други продукти“

Колку успевате да заштедите месечно?

„Не би јавно“

„Се задолжуваме преку кредити“

За заштеда не ви останува ништо?

„Останува нешто, ама кога имаш кредит целта ти е да го вратиш“.

Податоците на Народната банка покажуваат дека од 4 милијарди евра колку што се кредитите на граѓаните во банки, најголем дел – половината или 2 милијарди евра се за потрошувачки кредити, 1,5 милијарда евра за станбени кредити. Останатото задолжување е за автомобилски кредити, на кредитни картички и негативни салда по тековни сметки.

TV21

Read Previous

Нови авиолинии за Македонија: Скопје добива директни летови до Париз и Женева

Read Next

Тошковски: Со нова донирана опрема, МВР ќе ја подобри истрагата на местото на настанот