јануари 17, 2025

Рокас: Собранието да работи забрзано на евроинтеграции

Новиот собраниски состав да го забрза ЕУ процесот и пристапот на Македонија кон Унијата. Да не се носат набрзина закони со европското знаменце без расправи и дискусии и Собранието да стане место за дијалог. Ова го порача амбасадорот на ЕУ во Македонија, Михаил Рокас на седницата на Националниот совет за евроинтеграции на којшто се дебатираше за извештајот на Европската комисија за ланската година. Меѓудругото тој потенцираше дека ЕУ остава отворени врати за нови членки, а тоа го поткрепи и со инвестицијата на унијата од 750 милиони за земјите од Западен Балкан. Евроамбасадорот потсети дека Македонија треба да ги спроведе препораки од ОБСЕ и Венецијанската комисија во однос на Изборниот законик.

Од Владата велат дека остануваат посветени на евроинтеграциите и дека очекуваат следниот извештај за напрадокот на Македонија да биде подобар од претходниот.

Претседателката на ЛДП, Моника Зајкова,порача дека сите политички чинители се сложни за препораките од оценската комисија и дека реформите треба да се направат заеднички, без мешање на партиските ставови.

„Една година е помината откако се добиени извештаите од скрининг процесот. И до каде сме? Не треба само да седиме и анализираме или да се обвинуваме и бараме виновници, ама треба да направиме Национален план за имплементација на она што е нотирано во скрининг извештаите, но и по однос на препораките дадени во Извештаите“.

Пратениците од мнозинството согласни дека нема алтернатива на Европската Унија, но велат и дека не смее да се дозволи бугарските уцени и блокади да бидат повод за политички пресметки.

Инаку министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, на амбасадорите на земјите членки на ЕУ, пред неколку дена им порача дека Владата активно работи во делот на клучните сегменти за напредок – борбата со корупцијата, независноста на правосудството, владеењето на правото, но и другите важни реформи кои се дел од европската агенда.


Alfa MK

Read Previous

Во нападите по објавувањето на прекинот на огнот во Газа убиени над 100 Палестинци

Read Next

Студентите и граѓаните и денес го блокираа сообраќајот во градовите низ Србија