Според првичните резултати, Милановиќ освоил 154.422 гласови или 71,02 отсто, додека кандидатот на ХДЗ и партнерите, Драган Приморац добил 63.027 гласови или 28,98 отсто
Актуелниот претседател на Хрватска и кандидат на СДП и партнерите, Зоран Милановиќ, победи на претседателските избори, јавува Анадолу.
Ова го покажаа првите нецелосни резултати од вториот круг на претседателски избори кои ги објави Државната изборна комисија (ДИК) на Хрватска.
Според првичните резултати, Милановиќ освоил 154.422 гласови или 71,02 отсто, додека кандидатот на ХДЗ и партнерите, Драган Приморац добил 63.027 гласови или 28,98 отсто.
Ова се резултатите од обработени 25,43 отсто избирачки места.
– Приморац по поразот: Хрватска ми била и секогаш ќе биде на прво место за мене –
„Хрватска беше и секогаш ќе остане на прво место за мене“, изјави кандидатот на ХДЗ и партнерите, Драган Приморац.
Тој рече дека издржал сѐ, останал исправен, верен на своите принципи и вредности.
Посочи дека со својата програма сакал да испрати порака дека Хрватска може и заслужува подобро.
„Зоран Милановиќ и мене нѐ делат сосема различни духовни, морални и професионални вредности, како и размислувања за иднината на нашата татковина. Одлуката ја донесоа граѓаните и таа треба да се почитува“, рече Приморац и додаде дека ништо не е поважно од образот, честа, моралот и гордоста.
Според податоците на ДИК, на осмите претседателски избори во Хрватска до 16:30 часот гласале 34,77 отсто од граѓаните, додека во првиот круг одржан на 29 декември гласаа 36,09 отсто од граѓаните.
На претседателските избори во Хрватска право на глас имаа 3,7 милиони граѓани. Во првиот круг гласаа вкупно 1.625.458 гласачи, што е 46,03 отсто од вкупниот број регистрирани гласачи.
AA