Вашингтон ги зголемува можностите да се заврши на нивната црна листа за лица од Западен Балкан. Па така, отсега на листата може да заврши и секој што имал макар и обид да се вклучи во корупција или пак да ги поткопа важните договори за регионот, вклучувајќи ги и Преспанскиот и Охридскиот рамковен договор.
„Се преземаат дополнителни чекори „во светло на настаните на Западен Балкан, вклучително и континуираните обиди на поединци да го оспорат суверенитетот и територијалниот интегритет на државите од Западен Балкан, да ги поткопаат повоените договори и институции и да се ангажираат во значителна корупција што го поткопува владеењето на правото.“, велат од Белата куќа.
Новата власт во земјава неодамна беше критикувана дека не ги почитува договорите. Официјална Атина реагираше поради некористењето на уставното име од страна на новиот државен врв, додека пак ДУИ обвини дека се прекршува Рамковниот договор со тоа што се преразгледува Законот за јазици. Сепак, претставниците на власта тврдат дека договорите доследно ги почитуваат.
„Недвосмислено да, мислам дека Владата досега, овие 6-7 месеци покажа дека цврсто стои зад сите меѓународни договори, особено тие каде беа вклучени и САД и ги поддржуваат. Јас ги поздравувам последните мерки од САД и претседателот Бајден, така што ние немаме проблем. Тие што имаат проблем треба да бидат повнимателни.“, вели Арбен Таравари.
„Во рамките на она коешто е предвидено во договорите сметам дека се почитуваат и Преспанскиот и Охридскиот рамковен договор од страна на владејачкото мнозинство. Не можам да ви кажам во овој момент дали се почитува од страна на Грција Преспанскиот договор.“, вели Бране Петрушевски.
Во новата уредба на американскиот претседател Џо Бајден се наведува дека постои значителна корупција во земјите од Западен Балкан, а тоа го поткопува владеењето на правото и овозможува да се избегнат последиците од американските санкции.
TV21