декември 29, 2024

Клеан Шуќја, албанската шампионка во шах

За Анадолу, Шуќја раскажа за својата страст за шахот, емоциите од наградите, поддршката од семејството и универзитетот каде што студира, како и нејзините проекти и планови за иднината.

Клеан Шуќја е студентка шампион во шах за жени во Албанија, но има и други национални и меѓународни титули.

Осумнаесетгодишната девојка е студентка на Универзитетот Њујорк во Тирана (UNYT), универзитет на турската фондација „Маариф“.

Во светот на шахот ја вовел татко ѝ, кој некогаш играл шах, а со негова поддршка го продолжила овој пат и станува шампионка.

За Анадолу, Шуќја раскажа за својата страст за шахот, емоциите од наградите, поддршката од семејството и универзитетот каде што студира, како и нејзините проекти и планови за иднината.

„Почнав да играм шах на четиригодишна возраст. Татко ми ме воведе во светот на шахот, а со текот на времето виде дека имам амбиција и талент и реши да ме однесе кај тренер за да тренирам попрофесионално“, вели таа.

Шуќја раскажува дека со текот на времето почнала да учествува на државни и меѓународни првенства и добивала различни награди. „На почетокот ме привлекуваа фигурите, а потоа, со текот на времето, многу ме привлекуваше стратегијата, тактиката што се користи во играта“, нагласува таа, покажувајќи дека во шахот има многу емоции.

Шуќја вели дека сфатила оти преку шахот може да патува низ светот, да учествува на многу првенства и да запознава нови луѓе.

„Емоциите се различни. Секој натпревар има нова емоција, особено во моментите кога имам цел да освојам трофеј. Од една страна е прекрасно, а од друга предизвикувачки“, вели Шуќја.

– За студии го избра Универзитетот Њујорк во Тирана –

Шуќја за своите универзитетски студии го избра Универзитетот Њујорк во Тирана (UNYT), каде што моментно е студент во прва година на отсекот бизнис-информатика. „Прво ми го предложија овој универзитет, а потоа дознав дека програмата е и на англиски јазик. Учествував на испитот за стипендија и добив 100 проценти стипендија“, вели таа, нагласувајќи ја поддршката што ѝ ја дава универзитетот.

Ректорот на универзитетот проф. д-р Али Гунеш, ѝ подари нов лаптоп на албанската шампионка во шах, Клеан Шуќја, како знак на благодарност, според универзитетот, за нејзините извонредни достигнувања.

„Универзитетот Њујорк стои покрај талентираните млади луѓе, поддржувајќи ги во нивните академски и лични успеси“, нагласуваат од Универзитетот за Анадолу.

Шуќја го основа Шаховскиот клуб при универзитетот, каде што може да учествуваат не само студентите на овој универзитет туку и сите што сакаат да го запознаат шахот и да го прошират своето знаење.

Таа посочи дека во иднина има многу цели за светот на шахот, меѓу кои и целта да добие значајни национални и меѓународни награди.

Клеан Шуќја е шампионка на Албанија во шах во женска конкуренција, а ја има и меѓународната титула ВФМ (Women Fide Master). Од малечка учествувала на десетици државни и меѓународни турнири, на кои е прогласена за шампион, а освојувала и награди.

Во 2017 година е прогласена за светска шампионка во блиц шах за возрасна група до 11 години, европски првак во блиц шах за возрасна група до 14 години во 2017 година и европска шампионка во блиц шах за возрасна група до 16 години во 2022 година. Шуќја е национален шампион за жени во 2024 година, а прогласена е за шампион во Албанија во изминатите години за различни возрасни групи.

AA

Read Previous

Таравари им донесе пакетчиња на децата во СОС – им вети поголема институционална поддршка

Read Next

Герасимовски: Донесовме рекорден буџет за 2025 година, дури 45 проценти за капитални проекти