Црна Гора се соочува со постојани хибридни закани од руски и странски актери. Русија сака да создаде страв и да ја поткопа нашата поддршка за Украина. Во тоа нема да успее.
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес ја потврди значајната улога на Црна Гора во Алијансата, нагласувајќи ги сѐ поголемите закани со кои се соочува земјата од Русија и од други места, јавува Анадолу.
„Црна Гора се соочува со постојани хибридни закани од руски и странски актери. Русија сака да создаде страв и да ја поткопа нашата поддршка за Украина. Во тоа нема да успее“, изјави Руте за новинарите по средбата со црногорскиот премиер Милојко Спајиќ во седиштето на НАТО.
Руте изрази благодарност за придонесот на Црна Гора во НАТО, особено за она што Подгорица го прави за поддршката на Украина.
Тој ја пофали Црна Гора за нејзините напори да го поттикне спроведувањето на одлуките донесени на самитот во Вашингтон, осигурувајќи патот на Украина кон членството во НАТО да не биде загрозен.
Една од главните теми на разговорот меѓу Руте и Спајиќ беше заканата од Русија, особено преку кибернапади, дезинформации и политичко мешање.
Руте рече дека акциите на Русија имаат цел дестабилизација на единството на НАТО и поткопување на поддршката за Украина, но изрази уверување во отпорноста на НАТО.
Тој, исто така, ја пофали Црна Гора за преземањето силни мерки против хибридните закани, како прв примател на тимот за контрахибридна поддршка на НАТО и за приклучувањето кон Групата за брз одговор на НАТО.
Во оваа пригода Руте ја нагласи и важноста од континуирана поддршка за Украина, особено затоа што таа се соочува со една од најтешките зими од почетокот на војната во 2022 година.
Тој ги повика сите сојузници да ги исполнат своите обврски преземени на самитот во Вашингтон во јули, вклучително и финансиските ветувања и воената поддршка.
„На Украина ѝ е потребна нашата итна поддршка“, порача Руте само неколку недели пред инаугурацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, кој е долгогодишен критичар на американската помош за НАТО.
Црногорскиот премиер Спајиќ, осврнувајќи се на насоките на НАТО за вложувањата во одбраната, рече дека Подгорица не само што е декларативно кредибилен партнер на НАТО, туку дека годинава ќе ја надмине границата од два отсто од бруто-домашниот производ што се издвојува за таа област.
Истакнувајќи дека Црна Гора е членка на НАТО веќе седум години, Спајиќ рече дека дала придонес во различни мисии на НАТО, вклучително и оние во Латвија, Бугарија и Косово.
Тој ги потврди и целите за одбрана на Црна Гора, со планови за зголемување на издвојувањата во 2025 година од 2,1 на 2,3 отсто од БДП.
Спајиќ ја потврди и посветеноста на Црна Гора на поддршката на Украина.
„Црна Гора ја поддржува Украина и верува дека членството во НАТО ќе биде крајна гаранција и за оваа нација“, рече Спајиќ.
Тој го истакна учеството на Црна Гора во испораката на воена опрема за Украина и учеството во сеопфатниот пакет помош на НАТО.
AA