декември 12, 2024

Пензионерите во Албанија повторно на протест: „Работевме цел живот, а паричниците празни“

На протестот се приклучија и група поранешни рудари што бараат албанскиот Парламент да донесе закон со кој ќе се утврди нивниот статус

Пензионерите во Албанија повторно организираа протест во главниот град Тирана, со барања за зголемување на пензиите и подобрување на социјалните услуги, јавува Анадолу.

Десетици пензионери, со поддршка на активисти од цивилното општество и граѓани, протестираа на булеварот „Дешморет е комбит“ во Тирана, пред седиштето на Владата на Албанија.

Дел од учесниците на протестот бараа, како што рекоа, „достоинствени пензии и усвојување на минимумот за живот“. Некои од демонстрантите држеа транспаренти на кои пишуваше: „Пензионерите не бараат бонуси, туку достоинствени пензии“, „Работевме цел живот, паричниците повторно празни“, „Оставете ја корупцијата, зголемете ја пензијата“…

На протестот се приклучија и група поранешни рудари што бараат албанскиот Парламент да донесе закон со кој ќе се утврди нивниот статус.

Денешниот протест е организиран со поддршка од организации и групи што ги поддржуваат пензионерите, со барања за зголемување на пензиите од различни категории и унапредување на институционалните услуги.

Во септември 2024 година Владата на Албанија ја одобри одлуката за индексирање на пензиите за 4,1 отсто, со која корист имаат повеќе од 791.000 корисници на сите категории пензии (старосни, целосни, делумни, намалени, предвремени, инвалидски, семејни, пензии доделени со посебна државна помош и др.).

На 27 ноември Советот на министри на Албанија го одобри годишниот бонус за пензионерите, на што се противат некои политички партии, организации и групи пензионери.

За бонуси се издвоени 100 милиони евра, а пензионерите ќе добијат од 100 до 150 евра во зависност од категоријата во која спаѓаат.

AA

Read Previous

Во Основниот суд во Гостивар тркалезна маса за потребата од измени и дополнувања на Законот за Судскиот совет

Read Next

Сиљановска Давкова на работен ручек со амбасадорите на земјите – членки на ЕУ